X
 07.12.2015 Образование

Наместо учениците, домашните ги пишуваат родителите

Првооделенци треба напамет да научат песна со четири строфи, а с` уште не знаат да читаат, да прераскажат лекција, а не знаат да пишуваат. Од ученици во второ одделение во скопско основно училиште се барало учениците сами да напишат песна со три строфи. Основци пак добиваат домашни задачи, најчесто експерименти и проекти кои не ги разбираат, а од нив се очекува да ги направат. Домашните задачи на македонските ученици за жал с` почесто ги пишуваат родителите. Состави, цртежи, песни, проектни задачи пишуваат и прават родителите наместо учениците.



Затоа и логично се поставуваат прашања која е поентата на домашните задачи, зошто секое училиште или наставник е приказна за себе кога се во прашање овие задачи, но и дали децата станаа премногу разгалени и неодговорни, па не се ни трудат сами да ги завршат обврските.

Дека кај нас учениците се исклучително оптоварени со пишување домашни задачи ни потврдуваат родители. Се жалат дека материјалот за учење е доста тежок и дека најчесто тие им ги решаваат задачите на нивните деца. Ова значи дека се губи смислата на функцијата на домашните задачи.

- Ќерка ми е второ одделение и за домашна требаше да напише песна со четири строфи. Како дете кое сега го совладува пишувањето може да смисли песна. Зборував со другите родители и сите рекоа дека сами ќе им напишат. Па, нека чита и оценува учителката сега песни напишани од возрасни. Пробав да ја инспирирам сама нешто да и текне, ама не успеав. Шокрирана сум од обврските и домашните задачи кои треба да ги заврши моето дете. Препишува букви, реченици по не знам колку страници дневно. Навечер рака ја боли од држење на моливот – вели мајката Симона Кочовска.

Педагозите пак велат дека домашните задачи се потребни, за да може ученикот подобро да го извежба материјалот кој го изучува, но и дека не треба да се претерува, а особено да се внимава на тежината.

- Домашните задачи мора да се пишуваат, потребни се за вежбање на материјалот, за развивање на самостојноста на ученикот, го учат да размислува. Но, може да имаат и контраефект, посебно кај помалите одделенија. Ако истите ги пишуваат родителите тогаш им се губи смислата. Секојдневно се соочувам со домашни задачи напишани од родители и некогаш им реагирам. Добивам одговори дека многу им давам домашна, како и тоа дека тешко им е на децата да ја напишат. Во вакви ситуации пробувам да им објаснам колку е значајно сами да ги остават децата, па макар и ништо да не напишат, да ми донесат песна која ќе нема смисла, но ќе биде нивно дело, нивен труд. Некои ме разбираат, а некои не. Инаку домашните задачи, ги давам согласно програмата за работа, но има нелогичности, па и самостојно решавам што да им дадам за домашн задача – вели наставничката Маријана Симоновска која предава во одделенска настава.

Инаку, Бирото за развој на образованието има издадено Упатство за начинот и формата на подготвување, планирање, задавање, реализирање и следење на домашните задачи на учениците во основното образование. Во него пишува кои се домашните задачи кои не се препорачуваат:

* задачи кои немаат јасни и експлицитни барања
* задачи за чиешто решавање е потребна интервенција од родител/старател
* задачи кои бараат пристап до ресурси кои не можат да бидат достапни во домот, а кои претходно не се обезбедени од страна на училиштето, како на пример, определена технологија, Интернет конекција, компјутерски печатач, весници или списанија кои се тешко достапни за учениците и сл
* задачи кои бараат економски трошоци од семејството


Согласно со возраста на учениците, треба да се има предвидено максимално време за изработка на домашните задачи. Така на пример, препорачливи минути на ден за извршување на домашните задачи во однос на возраста на учениците се:



Значи, согласно табелата времето за решавање на домашните задачи не смее да трае повеќе од еден час во одделенската настава, а во предметна настава од 1 до 2 часа. Во Упатството стои дека домашните задачи, за да служат како поддршка на учениците за нивниот успех, треба да бидат самостојно изработени и завршени без помош на нивните родители/старатели, иако ова, сепак, не ја исклучува можноста на родителите да вршат надзор над изработените домашни задачи на своите деца.

„Наставниците треба да бидат свесни дека ако домашните задачи се дизајнирани според потребите и можностите на учениците, нивните семејства нема да бидат оптоварени со помагање во изработка на истите. Вклучувањето на родителите во изготвувањето на домашните задачи треба да се сведе на минимум, бидејќи децата можат да станат зависни од родителската поддршка при изработката на домашните задачи“ - пишува во Упатството.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование