X
 10.12.2015 Образование

Подобри услови за македонските студенти во земјите од ЕУ

Европратениците и министрите од Европската унија постигнале неформален договор за хармонизирање на прописите за влез и престој во Европската унија. Со овој договор ќе им се олесни студирањето и истражувањето на универзитетите во ЕУ на сите странски студенти и истражувачи.


Имено, студентите и истражувачите од земјите кои не се членки на ЕУ ќе може да останат најмалку девет месеци во земјата по завршувањето на студиите или истражувачкиот престој и да одат во друга земја-членка без нова виза. Со договорот се подобруваат и условите за практиканти, волонтери и ученици од странските земји.

„Тој договор значи дека нашите, европски универзитети ја зајакнуваат конкурентноста во глобалната арена, да станат поатрактивни од кога било за талентирани, амбициозни и високообразовани луѓе од други земји кои овде ќе добијат многу подобри услови“, посочила европратеничката Сесилија Викстрем.

Досега, секоја членка одлучува дали студентите и истражувачите од трети земји може да останат по студиите или истражувањето. Отсега, полесно ќе биде и движењето во границите на Европската унија за студентите и истражувачите. Имено, тие ќе мора само да ја известат земјата во која се наоѓаат дека ќе престојуваат во друга земја.

Истражувачите ќе имаат можност да се преселат во друга членка на подолг период, а со себе ќе може да го земат и своето семејство.

Згора на тоа, студентите ќе имаат право да работат најмалку 15 часови неделно.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование