X
 12.12.2015 Образование

Кембриџ математиката е поинтересна со нагледни средства



Ако на учениците им предавате математика и ако на часовите им објаснувате преку нагледни средства, тогаш им е многу поинтересно и позабавно на час, со што полесно ја совладуваат материјата. Ова е став на наставници кои предаваат математика по Кембриџ програмата во основното образование.

Децата сакаат се` да допрат, да измерат, да проценат и да споредат. Програмата е таква што им овозможува да истражуваат и самите да доаѓаат до заклучоци, велат наставниците со кои поразговаравме.

- Начјесто од дома си носиме нагледни средства. Еве минатата недела носев вага со тегови, мерици, шишиња, метро. Не е тоа проблем, креативниот наставник е и снаодлив. Оваа програма по математика си бара многу повеќе практична работа, што е многу добро за децата, кои преку мерења и математички игри, ја учат и совладуваат материјата. Целата работа на часовите со нагледни средства придонесува да се појави поголем интерес кај нив за предметот - вели одделенски наставник во едно скопско основно училиште, кој им предава на третоодделенци.

Во трето одделение учениците учат таблица множење, мерки за маса, должина. Има теми за 2д и 3д форми. Како што велат наставниците, децата ја совладуваат материјата, а тоа е така бидејќи голема е соработката и со родителите.

- Ги учиме и дропките. Знаат да претвораат децимален број во дропка. Собирање и одземање се учи до 1.000, за агли, за степени, а решаваат и проблемски задачи. Постигањата по математика се солидни, тие што ги бидува веќе се издвојуваат. Една група ученици се талентирани за предметот, а останатите постигнуваат со повеќе работа и вежбање - додава наставникот.

Сузана Настовска, наставник по математика во основното училиште „Блаже Конески" во Аеродром вели дека има потреба од многу нагледни средства.

- Програмата си бара повеќе нагледни средства. Оти сите наставици од прво до шесто одделение сега работат по Кембриџ. Сите во исто време имаме потреба од помагала, зависно од темата. Сега моментално учиме за периметар, плоштина, па користиме клупи, прозори, врати, тетратки за мерење. Метра носиме од дома, големи линијари. Кембриџ бара многу подобри услови за работа. Ни треба Интернет постојано да имаме, а не секогаш имаме, потоа хартија, компјутери, а тие што ги имаме се застарени. Во шесто математиката им е лесна на учениците, оти претходно ја учеле материјата. Тежината повеќе е во одделенска настава, каде што учат координатен систем, размер. Инаку, она што е важно е што постигањата по математика се солидни, јас како наставник сум задоволна - вели Настовска.
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование