Пред некој ден добив совет (на денот) и морам да признам, веднаш почнав да го применувам. Умно дете сум, но се запрашав, што правиме со советите што ги добиваме секојдневно?
Едно е јасно, дневно добиваме по неколку совети, но што со нив! Еве земете се вие за пример. Колку често добивате совет и дали сте свесни за тоа дека добивате совет? Колку од нив ги процесирате и ги имплементирате? Најчесто, не сме ни свесни за тоа дека дневно добиваме по неколку совети.
Затоа и луѓето, во однос на ова прашање, се поделени во три групи:
1. Оние кои не слушаат никакви совети.
2. Оние кои мислат дека советот што го добиле е добар за нив, но ништо не прават со него.
3. Оние кои ги слушаат советите, внимателно ги анализираат и одредуваат дали ќе бидат применливи за нив или не.
Зошто луѓето се одбивни спрема примањето совети:
1. Различна перцепција на реалноста од другите – неприфаќање на реалноста или едноставно негирање на тоа дека живееме во ист свет и иста околина.
2. Страв од непознато – страв од излегување од конформната зона во којашто живеат, па најлесно е да не го прифатат советот и да си живеат во зоната во која се наоѓаат во моментот. Излегувањето од комфорната зона е излегување во непознато.
3. Неприфаќање на фактот дека се самите одговорни за своите успеси и неуспеси – најчесто сме подготвени да обвиниме некој друг за нашиот неуспех отколку да се анализираме самите себеси, зошто тој неуспех се случил и како може да се подобриме следниот пат. Изговори на сите страни!
Но, ајде да видиме што правиме со советите што ги добиваме. Еве, да речеме дека сте во групата 3 и дека сте на овој или на оној начин подготвени да ги прифатите. Што понатаму? Еве ви неколку совети, па вие видете што со нив:
- Слушање – најважно е во овој процес да го слушнете и да го разберете советот што ви е правилно даден. Со правилното слушање на советот можете да одите на следното ниво кое е
- Анализа – секој совет треба убаво да се изанализира, односно да донесете одлука за тоа дали е апликативен за вас или не. Ако донесете одлука за тоа дека не е апликативен за вас, тогаш треба на соговорникот да му објасните зошто не е соодветен. Но, ако сепак одлуката е ваша, дека е апликативен за вас, тогаш
- Применливост – мора да направите градација на применливост на советот, односно дали е тој применлив за вашиот секојдневен живот или само за одреден дел, дали тој е применлив дома или на работа, со колеги или со пријатели итн., за да може да одите на следното ниво кое е:
- Имплементација – најтешкиот дел и делот кога најчесто се откажуваме. За да се примени еден совет, треба да бидеме свесни дека тој ќе направи промени кај нас, а не се сите подготвени за промени.
- Споделување – убаво би било научените лекции и промените што сте ги имале вие со имплементација на тој совет, да ги споделите со луѓето околу вас. Но, имајте секогаш на ум дека:
Добар совет е секогаш предодреден да биде игнориран,
но тоа не е причина да не се даде!―Agatha Christie
Со успех во промените,
Калин Бабушку
„Tip of the week“