Крајот на 2015 година нè остава со многу значајни проблеми кои веќе влијаат на светот и човештвото. „Фаст компани“ состави листа од најголемите проблеми со кои ќе се соочи светот во 2016 година.
Мигрантската криза
Стотици илјадници луѓе бегајќи од насилството во Сирија се населуваат во европските земји. Следната година, илјадници ќе бидат насочени кон САД, откако претседателот Обама изјави дека САД ќе прими најмалку 10.000 бегалци во 2016.
Климатските промени
Исто како и 2014-та година претходно, 2015-та година беше најтопла година во поновата историја. Овој месец, по недели спогодување во Париз, 195 нации го потпишаа договорот за глобална соработка против климатските промени.
Безбедност на податоци
Годинава научивме дека ниту една институција не е осигурана од хакери, дури ни владините. Во 2016 година, безбедноста на интернет ќе биде критичен проблем за компаниите, владите и индивидуалците.
Регулација на беспилотни летала и автономни возила
Месецов, Федералната администрација за авијација на САД изјави дека сите сопственици на беспилотни летала мора да се регистрираат во администрацијата. Слични мерки може да се преземат и во други држави годинава. Сличен предизвик со кој се соочуваме се и автономните возила и нивното регулирање. Во меѓувреме, Велика Британија веќе тестира автономни возила на јавните улици.
ИСИС
Терористичката група ИСИС доби моќ низ светот, а многу благодарејќи на социјалните мрежи. Предлог во САД би ги принудил социјалните мрежи да известуваат за секаква терористичка активност, а лидерите ги повикуваат технолошките компании да помогнат во борбата против тероризмот.
Глобален пристап до интернет
Како што сè повеќе луѓе добиваат пристап до интернетот, технолошките компании бараат подобри начини за пристапување на интернетот во неразвиените земји. „Фејсбук“ и „Гугл“ работат на сопствени проекти за оваа цел, а кинеската електронска фирма „Саоми“ обезбедува евтини мобилни уреди за Индија и планира да се
прошири низ целиот свет.