X
 17.03.2024 Наука

Користењето производи со никотинска пареа е поврзано со проблеми со менталното здравје

Користењето производи со никотинска пареа (вејпање) можеби не е толку нездрава опција како пушењето обични цигари, но ново истражување покажува дека може да биде штетно за менталното здравје и режимот на спиење.

Како што откриле истражувачите од англискиот универзитет „Сури“, младите на возраст од 18 до 25 години што користат производи со никотинска пареа имаат значително поголема веројатност да доживеат проблеми со менталното здравје отколку нивните врсници што не користат. Тука спаѓаат и депресијата, анксиозноста, негативните мисли, проблеми со спиењето, но и емоционални проблеми како што е осаменоста.

Оваа нова студија анкетирала повеќе од 300 студенти, од кои околу 15 отсто користеле производи со никотинска пареа, а другите 85 отсто не, користејќи прашалници поврзани со внимателност и емоционална регулација, анксиозност и депресија, квалитет на спиење, осаменост и, се разбира, употреба на цигари.

Кај 49 студенти што биле корисници на никотинска пареа биле откриени пониски нивоа на внимателност, полош квалитет на спиење и зголемени нивоа на негативно размислување. Тие имале тенденција да бидат поосамени, да имаат помалку сочувство и многу поголема тенденција да бидат „ноќни птици“, за разлика од другите испитаници кои не користеле цигари на пареа. Понатаму, групата пројавила значително повисоки нивоа на консумирање алкохол, а неверојатни 95,9 проценти од корисниците имале клинички нивоа на симптоми на анксиозност.

- Во оваа студија откривме вознемирувачка врска помеѓу употребата на производи со никотинска пареа и симптомите на анксиозност и тоа може да стане еден маѓепсан круг на користење производи со никотинска пареа за да се смири анксиозноста, но потоа корисникот да не може да заспие, што ќе го натера да се чувствува полошо - истакнува д-р Сајмон Еванс, предавач по неврологија во „Сури“ и коавторот на студијата.

Извор: Futurism.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука