X
 15.01.2024 Наша тема

Миљана Ристиќ речиси цела бременост ја помина трчајќи на кеј и роди здраво машко бебе

Според мене, сѐ додека бебето е во добра состојба и мајката се чувствува добро, може да трча со умерен интензитет. Тоа е мое искуство. Така што се надевам дека ќе бидам пример или мотив за некои идни мајки без страв да продолжат да го прават она што го правеле пред бременоста, изјавува атлетичарката Миљана Ристиќ

Миљана Ристиќ е наша позната атлетичарка, која постојано беше на врвот на македонската атлетика и беше државна репрезентативка на Македонија на средни и долги патеки. Сега е активна мајка која полека се враќа на патеките за трчање.

И покрај тоа што многу гинеколози не го одобруваат трчањето и сметаат дека не е добро за плодот, во последно време сѐ повеќе позитивни примери го побиваат ова верување. Секако, она што упатените го препорачуваат е да не почнувате со трчање во бременоста, туку доколку сте трчале пред бременоста, тогаш е безбедно да продолжите доколку ви е пријатно да трчате со стомакот.



Миљана беше активна во текот на целата бременост, имаше уредна бременост и трчањето не се покажа небезбедно за неа и за нејзиното бебе. Но, сепак, треба да се земе предвид фактот дека таа не го изложила телото на стрес, ниту на преголем напор, со оглед на нејзината спортска природа и активен живот. Трчањето беше дел од нејзината бременост, секако, со соодветни модификации и намален интензитет.

Тренирав за моето ментално здравје, за мојата глава

- Цела бременост бев активна, трчав, правев вежби за сила, вртев орбитрек (особено во 9. месец) и пешачев. Тренирав 5 до 6 пати неделно до 8. месец, а потоа намалив. Трчав 3 до 4 пати неделно во зависност од тоа како се чувствував, а вежби за сила правев 2 пати неделно. Најкраткиот тренинг ми траеше 20 минути, а најдолгиот 1 час - ни споделува таа.

Таа е една од ретките кај нас што продолжуваат да трчаат во текот на цела бременост...



- Најголемиот дел од гинеколозите препорачуваат во првите 12 недели да се мирува. Кога ѝ кажав на мојата докторката дека се занимавам со атлетика и дека сакам да продолжам со трчање (ако е сѐ во ред), само ми кажа: ,,Слушај си го телото“. Никогаш не слушнав ,,да, можеш да трчаш/ вежбаш“, така што не добив директно одобрение за трчање и на секој преглед истото се повторуваше. Јас одлучив така и да правам, да продолжам да тренирам слушајќи го своето тело, кога ќе почувствував каква било промена или нешто непријатно, веднаш реагирав - ни споделува таа.

Таа е една од најбрзите жени кај нас, но тренинзите во бременоста ги модифицирала и ги приспособила на новонастанатата состојба. Во зависност од трката за која се спремала, пред бременоста трчала од 100 до 130 километри неделно. Тренирала секој ден, во една недела имала 2 јаки тренинзи, една должина, а другите беа лесни и ниту еден тренинг не ѝ бил под 12 километри.



- Останав бремена и се запрашав како моето тело и глава да не доживеат шок. Морав да се приспособам на новата ситуација и да тренирам во согласност со моменталните можности. Пред сѐ, сфаќаш дека во наредниот период нема да градиш или да одржуваш форма, туку треба да прифатиш нешто ново, нешто убаво што ти се случува. Целиот тој период тренирав за моето ментално здравје, за мојата глава. Намалив на километрите и темпото. На почеток трчав од 8 до 10 километри со намалено темпо за 30 секунди од претходно. Како што ми растеше стомакот, така ги намалував километрите и темпото. Трчав до 6 километри, а темпото беше побавно за уште 20-30 секунди и можам да кажам дека уживав - вели Миљана.

Пулсот да не надминува над 140

За да се осигури дека е на вистинскиот пат, многу читала и се едуцирала на оваа тема и следела познати атлетичарки кои исто така биле активни во текот на бременоста.



- Сфатив дека секој е различен и дека не можеме да се споредуваме со другите. Јас најмногу тренирав според чувство, во ниту еден момент не дозволив да трчам или да вежбам и да се задишам, да не можам да си го повратам здивот, немаше потреба за такво нешто и искрено на пулсот не внимавав. Но според многу истражувања, а и според препорака на докторите, пулсот на бремената жена кога тренира не треба да надминува 140, така што сите идни мајки кои трчаат или тренираат би требало да се придржуваат до ова. Бременоста не е период за спремање за трки или поставување лични рекорди, тоа е период за уживање во секој момент, во секој чекор без притисок, така што немаше потреба од претерување на тренинг, на пример: покачување на тежината на теговите. Во овој период е најбитно да останеш активен и да тренираш со уживање и без оптоварување и јас баш тоа го правев - дополнува атлетичарката Ристиќ.



Вели дека дури до шести месец не чувствувала дека е бремена и трчала исто како порано, само побавно и пократко.

-Дури до шестиот месец некои не забележуваа дека сум бремена. Како ми растеше стомакот, така ми беше потешко и дишењето, како да имав топче во стомакот, па морав многу да внимавам да не паднам. Памтам во 34. недела излегов на тренинг. Од првиот километар не одеше, телото ми даваше некои чудни и дотогаш нови знаци, почнаа да ме болат нозете, грбот, колената. Застанав на третиот километар и знаев дека тоа е мое последното трчање во бременоста. Баш како што велеше докторката - слушај го своето тело, и ете тој ден тоа ми беше знак дека дотука сум можела и сум многу благодарна поради тоа - вели Миљана.

Многубројни се позитивните страни на активната бременост и прекрасни чувства надоаѓаат по тренинг.

- По секој тренинг бев преблагодарна на своето тело и на бебето што се добро и што имам можност да го правам тоа. Чувствував среќа и исполнетост! Сите што ме познаваат знаат колку ми значи трчањето, тоа е она што ме движи и ми дава мир! Е па во бременоста го правев баш она што многу го сакам, а истовремено носев во мене нешто за што сонував. Ретко кога се чувствував изморена, нервозна. Бев ментално смирена и речиси секогаш имав сила и желба за тренинг. Трчањето ми помогна да ги надминам и оние тешки моменти што доаѓаат со бременоста и дефинитивно ми го олесни породувањето - посочува Ристиќ.



Осудувана од општеството

Сепак, нашето општество сѐ уште не е отворено за ова прашање, па нејзината активност често била осудувана.
- Јас лично бев осудувана од многу идни мајки, па и од реализирани мајки (во најголем дел беа жени што не тренираат), мажи и од постари гинеколози. За многу жени е нелогично да се трча во бременост. Имав многу коментари од типот: го тресеш бебето, му ја повредуваш главата, поради тебе може да му стане нешто итн. Секојпат кога ќе излезев на кеј сите зачудено ме гледаа. Јас лично досега немам видено трудница што трча иако во развиените држави тоа е нормално. Кога бев на 4Д-преглед кај еден постар гинеколог со долгогодишно искуство и кога му споменав дека трчам, неговиот коментар беше дали сум нормална, можам да пешачам, ама трчање не доаѓа предвид иако сѐ беше во ред. Тогаш бев во петтиот месец од бременоста и нормално дека продолжив со трчање. Кај нас се препорачуваат само вежби за бременост, пилатес, пешачење. Но еве јас трчав и вежбав и природно родив машко дете, здраво и право, од 4 килограми - споделува нашата соговорничка.



Поголем стрес е ако се прекине со активноста

Невкусни коментари добивала од блиски, од колеги, од атлетичари, дури и од непознати луѓе.

- Не можам да кажам дека ми беше сеедно. На моменти преовладуваа стравот и несигурноста. Поставував прашања дали е правилно ова што правам и дали се другите во право? Тоа е класично социјално влијание на кое не можеш секогаш да останеш имун. Но, по секој тренинг јас се чувствував добро, по секој преглед бебето беше добро и напредуваше одлично и тоа ми беше најголем знак дека правилно правам. А најголема поддршка за да ги надминам овие моменти ми беше мојот сопруг. Тој ми даваше поддршка од првиот до последниот ден, тренираше со мене и ми беше најголема мотивација да продолжам - вели Миљана.

Таа им препорачува на идните мајки да не се плашат, да си го слушаат своето тело и колку што можат да не ги слушаат коментарите од околината.



- Здрава мајка - здраво дете. Верувајте ми дека жена спортист чие тело било активно долго време, ако одлучи да прекине со активноста, доживува шок и психички и физички. Ако го правите она што сте го правеле пред бременоста со умерена активност, многу полесно ќе го поминете тој период. Ќе чувствувате спокој, исполнетост, среќа. Ќе си го сакате своето тело баш такво какво што е, со сите промени. И нормално, ќе има и денови кога нема да ви биде до тренинг, но ќе има и денови кога едвај ќе чекате да се раздени и да излезете на кеј. Исто така. сигурно ќе го олесни породувањето. Според мене, сѐ додека бебето е во добра состојба на прегледите и мајката се чувствува добро, може да се трча со умерен интензитет. Тоа е мое искуство. Се надевам дека ќе бидам пример или мотив за некои идни мајки да продолжат да го прават она што го правеле пред бременоста - подвлекува Миљана Ристиќ.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема