Докторите велат дека согласно доказите и досегашното искуство, малку е веројатно дека присуството на вирусот кај бремената жена може да предизвика проблеми во развојот на бебето. Освен тоа, не постојат докази кои посочуваат дека постои поголем ризик од спонтан абортус во случај на инфекција со ковид-19
Дали можам да останам бремена откако ќе прележам ковид-19? Кога е најсоодветниот период во постковид-месеците да ја планирам бременоста? Дали вирусот може да направи компликации на плодот? Дали ме очекува ризична бременост? На сите овие дилеми најчесто одговор бараат жените кои во текот на бременоста станале позитивни на вирусот, но и оние што го прележале, а планираат бременост.
Уште од почетокот на пандемијата се знае дека трудниците се во високоризичната група и дека нивната заштита треба да биде на прво место.
Има ли временски рок по прележувањето во кој не треба да се планира бременост? Кога да се охрабрат жените да останат бремени во време на пандемија?
Сепак, докторите велат дека согласно доказите и досегашното искуство, малку е веројатно дека присуството на вирусот кај бремената жена може да предизвика проблеми во развојот на бебето. Освен тоа, не постојат докази кои посочуваат дека постои поголем ризик од спонтан абортус во случај на инфекција со ковид-19. Не е ниту докажано дали коронавирусот е директно поврзан со предвременото раѓање во некои случаи или им било предложено на жените да се породат порано заради заштита на нивното здравје.
Нема препораки за ограничување на бременоста
Д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението на приватни гинеколози, вели дека досега не добиле никакви препораки од светските здруженија или институции за да им укажат на пациентките дека ковид-19 или постковид-состојбата носи ризици во поглед на планирање на бременоста.
Д-р Душко Филиповски
- Нема ограничувања за планирање на бременоста во периодите ако пациентката е ковид-позитивна или, пак, прележала ковид-19. Во некои случаи, особено ако пациентките се со потешка симптоматологија, препорачуваме да ја поминат болеста, па потоа во следните месеци да ја планираат бременоста. Кај оние со лесна клиничка слика тоа може да се случи и порано - посочува д-р Филиповски.
75 отсто од трудниците не покажуваат симптоми на ковид-19
Д-р Викторија Јовановска, директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, вели дека нема студија која покажала дека ковид-19 предизвикува оштетување на органите на плодот, а со тоа немаат индикации да им даваат какви било препораки на пациентките да не остануваат бремени или, пак да ја прекинат бременоста.
Според неа, ако една пациентка и во рана бременост стане позитивна на вирусот, тоа не значи дека таа треба да ја прекине бременоста.
- Нашите искуства досега не покажаа поголеми проблеми. Кај некои потешки клинички слики кај пациентките, кои ги имаа кога беа ковид-позитивни, а истовремено и во поодмината бременост, се вршеа предвремени породувања. Причините за тоа беа зашто пациентките требаше да се стават на појака терапија. Тогаш ги породувавме предвремено за да има бенефит и во лекувањето на мајката, но и сето тоа да не остави некаква последица кај новороденчето - објаснува таа.
Д-р Викторија Јовановска
Според директорката, студиите покажале дека 75 отсто од трудниците не покажуваат симптоми на ковид-19, односно се асимптоматски случаи.
Бремените - дел од ранливата категорија
Според Министерството за здравство, мерките за заштита од ковид-19 за бремените жени се исти како и за сите граѓани во земјата.
Според одлука на Владата, бремените жени се ставени во групата на ранливи категории на граѓани и се ослободени од работа и работни обврски, за што треба да приложат потврда од матичен гинеколог кај нивниот работодавец.
Ваквата одлука за ослободување на бремените жени од работните обврски не е заснована врз фактот дека бремените жени се во поголем ризик од сериозно заболување од коронавирусот, туку повеќе како мерка за претпазливост.