X
 15.01.2026 Живот

Зголемена видливост и препознатливост на Правниот факултет од Кичево - најголема желба на деканката Светлана Вељановска за 2026 година

Најголемите желби за 2026 година на деканката на Правниот факултет од Кичево, при Универзитетот Свети „Климент Охридски“ од Битола, проф. д-р Светлана Вељановска, се поврзани со развојот и позиционирањето на факултетот во нашата земја и меѓународната академска заедница.

- Првата и најважна желба е значајно унапредување на институционалната соработка. Пред сѐ, мислам на домашните судови, обвинителства, министерства, општини и независни тела, но исто така и со меѓународни институции, универзитети и професионални мрежи. Оваа соработка ја гледам како клучна основа за зголемување на практичната едукација на студентите, заеднички проекти, размена на кадар и зајакнување на академскиот и стручниот кредибилитет на факултетот - вели деканката Вељановска.

Поголема вработливост на дипломираните студенти во иднина

Втората голема цел за 2026 година ѝ е зголемување на видливоста и препознатливоста на Правниот факултет и неговите студентите.

- Тоа подразбира активна промоција на квалитетот на наставата, научноистражувачката работа и студентските успеси, но и системско вклучување на студентите во практична работа, клиничка настава, студентска пракса и менторски програми. Ова е поврзано со мојот главен приоритет – овозможување поголема вработливост на дипломираните студенти. Верувам дека преку силна институционална мрежа, релевантни практични искуства и јасно препознавање на квалитетот на нашите дипломци, Правниот факултет - Кичево ќе создава генерации правници кои ќе бидат конкурентни, подготвени и ценети на пазарот на трудот - додава Вељановска.

Недостиг на финансии и човечки капацитети во изминатата година

Во изминатата 2025 година како институција се соочиле со сериозни финансиски предизвици кои влијаеле врз динамиката на планираните активности и развојни процеси.

- Недостигот на човечки капацитети, особено во клучни сегменти на наставата и администрацијата, и недоволната институционална поддршка ја ограничија можноста за побрзо и поефикасно спроведување на одредени иницијативи - додава таа.



На личен план - повеќе време за себе и за најблиските

На личен план најголема желба ѝ е да воспоставам вистинска рамнотежа помеѓу професионалните обврски и приватниот живот.

- Би сакала да можам почесто да се посветам на активности кои ме исполнуваат и ми даваат внатрешен мир и енергија – престој во природа, читање квалитетна стручна литература и белетристика, време за размислување и творечка работа. Верувам дека токму личната рамнотежа, грижата за сопственото време и благосостојба, претставува основа за одржлив професионален ангажман - заклучува Вељановска.

Работата е клучна за остварување на желбите

Верува дека желбите многу ретко се остваруваат поради среќа, а многу почесто како резултат на континуирана, посветена и одговорна работа.

- Кај мене ништо значајно во животот не се случило без вложување голем труд, ангажман, време и енергија. Сметам дека работата е клучниот и најважниот фактор. Но секако тука се и јасната цел, истрајноста и подготвеноста да се преземе одговорност.

Професорката Вељановска, доктор на правни науки, ја извршува функцијата декан на Правниот факултет веќе три години. Во изминатите десетина години е активно вклучена во управувачките и стручните тела на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, во два мандати како претседателка и членка на Универзитетскиот сенат, а во неколку мандати како раководителка на вториот циклус студии на Правниот факултет. Активно учествува на многу научни конференции, симпозиуми и стручни собири во земјата и странство. Автор и коавтор е на голем број научни трудови, а студентите ја избраа за омилен професор во 2020 година и најинспиративен професор во 2022 година.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот