X
 23.04.2026 Живот

Орото „Копачка“ ги чува македонската традиција, култура и идентитет, вели Перса Стојановска, автор на новата монографија за орото

„Ехото на дамарите на пијанчани - Копачката“ го отсликува процесот на впишувањето на орото „Копачката“ во УНЕСКО, неговата одржливост преку најразличните проекти во текот на првите десет години од впишувањето, постигнатите резултати, но и ги потенцира предизвиците и потребите за решавање приоритетни прашања

Неодамна беше промовирана монографија „Ехото на дамарите на пијанчани - Копачката“ од авторката Перса Стојановска, иницирана од јубилејот - 10 години од впишувањето на орото „Копачката“ во УНЕСКО. Делото ги опфаќа и активностите во изминатата деценија, проектите за одржување на традицијата, постигнатите резултати, но и предизвиците со кои се соочува зачувувањето на ова значајно културно наследство. Подетално за содржината на монографијата разговаравме со Перса Стојановска, која ни сподели дека од раното детство ги полнела своите дамари со ритмите на орото „Копачката“.

- Пораснав во фамилија во која се негуваше пијанечкиот фолклор. По години поминати во редовите на ЗФГ „Копачка“ во село Драмче, Делчево, ја почувствував обврската да го документирам оваа значајно фолклорно добро - орото „Копачката“. Според насоките на експертите за нематеријално културно наследство на УНЕСКО, треба да водиме архива не само на хартиените документи, туку и на видео и фотодокументација. Како раководител, секој настан го документирав и планирав да го претворам во комплетна книга. Министерството за култура и туризам ја препозна вредноста на оваа монографија и ја субвенционира во 2025 година, за што сум искрено благодарна - ни сподели Перса.



Не е лесно да се реализира едно вакво дело

„Ехото на дамарите на пијанчани - Копачката“ го отсликува процесот на впишувањето на орото „Копачката“ во УНЕСКО, неговата одржливост преку најразличните проекти во текот на првите десет години од впишувањето, постигнатите резултати, но и ги потенцира предизвиците и потребите за решавање приоритетни прашања. И воопшто не е лесно да се реализира едно вакво значајно дело.

- Имаше моменти кога се фаќав себеси во ќор-сокак и беспомошност. Иако имав визија за начинот на подготовката до доаѓање до конечна верзија за издавање на монографијата, често се преиспитував и се надополнував, бришев делови, менував... Најчиста ми беше мислата во раните утрински часови, кога се будев, кога сѐ е тивко и кога имав изблик од моите дамари, од мојата потсвест. Тогаш знаев дека носат правилно решение за одредена целина или текст од монографијата. Овде, секако, ќе ја споменам проф. д-р Велика Стојкова Серафимовска, која во својство на стручен соработник многу ми помогна во добивањето конечен богат содржински состав на моето дело - истакнува Перса.



Побаравме авторката да ни го опише процесот на впишување на орото „Копачка“ во УНЕСКО, за што вели дека станува збор за возбудлив и макотрпен процес.

- Со голема посветеност на оваа иницијатива, подготвивме и испративме до Управата за заштита на културното наследство сè што беше потребно за номинацијата на орото за негово впишување на светската Репрезентативна листа на нематеријално културно наследство на човештвото. Номинацијата беше доставена во 2011 година од страна на Министерството за култура на Република Македонија. Првиот официјален коментар од УНЕСКО пристигна есента 2012 година, по што се пристапи кон подобрување на досието со нови фотографии, се монтираше нов филм за „Копачката“ во кој се додаваа нови моменти на изведба на орото, нова и посредена автентична носија, се вклучи и женската изведба на орото, а вклучивме и свој инструментариум. Во технички подобрената верзија сите материјали се доставуваа до УЗКН и експертскиот тим кој работеше на процесот, за сиот тој материјал да биде испратен до Канцеларијата на УНЕСКО за Конвенцијата за зачувување на НКН и во март 2013 да биде повторно доставен до УНЕСКО. На 27.11.2014 година во Париз, на 18. Пленарна сесија на Меѓувладиниот комитетот на УНЕСКО за нематеријално културно наследство, беше донесена Одлуката за впишување на бисерот Копачка - соборско оро од село Драмче, Пијанечки Регион, во престижната Репрезентативна листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото - раскажува Перса.



Просторното прашање на носителите-практичари останува нерешено

Ова културно наследство помина низ многубројни проекти во првите десет години по впишувањето на листата.

- Работевме на истражувања на терен за носии, за тамбура, ќемане и соборите. Славевме годишнини како што се: 70 и 75 години постоење на ФГ КОПАЧКА с. Драмче, Делчево, а и 5 и 10 години од впишувањето на орото „Копачката“ за национално и светско културно наследство на УНЕСКО. Уредивме две спомен-соби на Димитар Станоевски - дедо Митко- ороводецот на „Копачката“ во Белчанско маало, с. Драмче, и во с. Тработивиште на Димитар Узунски - народниот уметник кој беше раководител на „Копачката“ над 50 години. Снимивме два документарни филма: „Копачката во УНЕСКО“ – наша продукција и „Камена свадба“ со ОХО продукцијата; Објавивме три монографии: „Копачката чекор по чекор до УНЕСКО“ и „Димитар Станоевски - дедо Митко - ороводецот на „Копачката“ од Димитар Узунски и сега оваа мојата „Ехото на дамарите на пијанчани - Копачката“. Имаме објавено голем број брошури и каталози, како крајни продукти од различни проекти, но и како засебни проекти (5 години „Копачката во УНЕСКО“ и 70 години „Копачка“ - збирка на награди и признанија“). Настапувавме на значајни фестивали и манифестации во земјата и во странство и се добивме со значајни признанија и награди... - споделува нашата соговорничка.

Тие се соочуваат и со предизвици околу одржувањето на ова релевантно културно наследство.

- И покрај двете високи признанија, и националното и меѓународното, просторното прашање на носителите-практичари останува нерешено. Недостигот на соодветен простор за проби, канцелариски простор, чување на носиите, реквизитите, опремата, инструментите, печатените изданија, наградите и признанијата... не само што ја отежнува работата, туку и ја загрозува можноста за одржлив развој и долгорочно зачувување на ова наследство. Потребна е итна институционална поддршка за да се создадат услови достојни за едно културно богатство со ваков ранг - подвлекува Перса.



Пренесувањето на наследството на помладите генерации е стратешка заложба на ЗФГ „Копачка“. Друштвото во континуитет работи на тоа поле и има видни резултати.

- Интерес постои, потребно е само да се најде каналот за пристап и привлекување на младите генерации. Тоа се прави со упорна, тимска и планска работа. Со оваа монографија намерата ми беше да создадам систематизиран ресурс кој ќе служи како водич за истражувачи, уметници и љубители на културата. Верувам дека со мојата монографија оставам белег кој претставува пример за посветеност кон зачувувањето на нашата македонска традиција, култура и идентитет, нашите корени, без кои би биле никој и ништо - подвлекува Перса.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот