Автономните автомобили веќе се на патиштата и за да бидат безбедни, тие мора да бидат способни да гледаат околу себе. Затоа, тие имаат системи за перцепција што вклучуваат сензори како
лидари (ласери што се вртат и ја мапираат околината) и камери. Но, само да се согледува светот не е доволно. Добриот возач, без разлика дали е компјутер или човек, треба да биде способен и да предвиди каде ќе биде некоја личност или некој автомобил за неколку минути.
За да станат подобри во предвидувањето каде ќе биде некој пешак и дури и како би можела да изгледа конфигурацијата на нивните екстремитети, истражувачи од Универзитетот во Мичиген направиле реално истражување на неколку раскрсници во Ен Арбор, Мичиген. Тие паркирале автомобил опремен и со лидари и со камери во близина на раскрсница и го оставиле да собира податоци од непознати пешаци што оделе и си правеле типични човечки работи, како користење паметни телефони и носење торби.
Треба да се земе предвид сложеноста на четиринасочна раскрсница со знаци за стопирање, но без сигнали со кои на луѓето би им се кажало кога може да одат. На ваквите раскрсници има танц, вели Метју Џонсон-Роберсон, доцент на Универзитетот во Мичиген. Тој додава дека тоа е многу тешка социјална ситуација. Автомобилите и пешаците треба да проценат кога е безбедно да поминат без да чекаат сообраќајните светла да им го кажат тоа.
Со собирањето податоци од вакви раскрсници Роберсон и неговиот тим успеале да истренираат систем на вештачка интелигенција кој може да го предвиди движењето на пешаците. Тие исто така се осигурале дека вештачката интелигенција зема предвид некои правила или ограничувања за тоа како се движат луѓето.
- На пример, луѓето не можат да летаат. Вашата тежина треба да биде дистрибуирана на нозете на таков начин што би била балансирана за да не паѓате - вели Роберсон.
Крајниот резултат бил систем кој е добар во предвидување каде ќе бидат луѓето додека одат. И, како што вели Роберсон, кој е автор на нова студија на оваа тема, системот е прилично точен. Работел со луѓе што биле на оддалеченост до околу 45 метри.
Сето ова е важно бидејќи ако автономните автомобили можат да бидат добри во проценување каде ќе биде некој пешак во следните минути, тие можат да планираат постапки со кои би возеле безбедно и учтиво околу кревките луѓе со кои ги делат улиците.
Истражувањето му овозможило на тимот да ги набљудува фасцинантните и комплицирани движења на телото додека луѓето одат. Системот можел и да забележи дали некој користи паметен телефон бидејќи можел да ги фати не само движењата на пешаците, туку и ориентацијата или позите на нивните тела, па дури и каде гледаат.
- Кога некој е на телефон, тој не гледа во автомобилите - вели Роберсон.
Тоа значи дека тоа лице не го прави она што би требало да го прави паметен пешак: да гледа наоколу и да воспоставува контакт со очите со возачите. Во такви случаи, додека луѓето одат наоколу и нивното внимание е одвлечено од компјутерчињата во нивните раце, компјутерите што ги возат нашите автомобили треба да го препознаат тоа и да го земат предвид кога носат
одлуки.