X
 28.02.2026 Технологија

Зошто некои од најголемите издавачи вработуваат ВИ-инженери и покрај противењето на писателите

Авторите не ја сакаат вештачката интелигенција, а тоа го покажуваат десетиците тужби што ги поднеле против компаниите за вештачка интелигенција обвинувајќи ги дека ги обучуваат своите модели на милиони книги заштитени со авторски права, без дозвола или надомест. Сепак, се покажува дека нивните издавачи не се против тој тренд. Некои од најголемите издавачи, вклучувајќи ги „Пингуин рендом хаус“, „Мекмилан“, „Соурсбукс“ и „Вајли“ вработуваат инженери за вештачка интелигенција, а тоа го покажуваат огласите за работа прегледани од „Форбс“.

Ниту еден од нив во моментов не планира да користи вештачка интелигенција за уредување или пишување. Наместо тоа, издавачите бараат да се примени вештачката интелигенција за подобро водење на бизнисот. На пример, со градење модели што можат да помогнат во предвидувањето кои книги ќе бидат исплатливи и по која цена треба да се продаваат.

- Мислам дека ова ги става издавачите во многу незгодна позиција бидејќи мора да обрнат внимание на фактот дека оваа технологија не исчезнува. Тие имаат акционери кои веројатно прашуваат: „Како ќе го користите ова за да заработите пари, да ја подобрите ефикасноста итн.?“ Никој не сака издавачката индустрија да ја крие главата во песок кога станува збор за профит - вели Џејн Фридман, експерт во индустријата, која пишува популарен билтен за бизнисот со издаваштво и советува неколку издавачки групи.

Какви профили бараат издавачите?

Издавачкиот гигант „Макмилан“ вработува двајца ВИ „менаџери за решенија“ за да идентификуваат потенцијални апликации за вештачка интелигенција и да дизајнираат производи што можат да помогнат во решавањето на „сложените деловни предизвици“. Работата бара дизајнирање нови работни процеси и обезбедување обука за вградување алатки со вештачка интелигенција во секојдневната работа на организацијата, според огласот за работа. Компанијата објавила дека користи вештачка интелигенција за административни задачи, како што е означување клучни зборови за полесно наоѓање книги, како и за сумирање документи, превод и модерирање на содржината, според блог-пост во кој се објаснува нивниот пристап. Но, издавачот јасно става до знаење дека сака авторите (и нивните законски права) да бидат над машините.

- Ние сме издавач на човечки приказни, напишани од човечки суштества - се вели во огласот.

„Пингуин рендом хаус“ вработува виш ВИ-инженер за да развие системи со вештачка интелигенција за маркетинг и откривање книги, како и да обезбеди сигурно работење на апликациите за вештачка интелигенција, според огласот за позицијата. Компанијата користи вештачка интелигенција за да постигне „оперативна извонредност“, според изјавата на портпаролката Клер фон Шилинг. Ова вклучува користење вештачка интелигенција за подобро управување со резервите и попрецизно одлучување колку копии да се испечатат. Во јануари 2025 година матичната компанија „Бертелсман“ објавила план за имплементација на „Опен АИ Чет-ГПТ ентерпрајз“ за своите вработени.

Заштита на авторските права


Таа внатрешна имплементација на вештачката интелигенција не значи дека компанијата не ги брани авторските права на своите автори. Кон крајот на 2024 година „Пингуин рендом хаус“ започнал да додава известувања на своите книги дека тие не смеат да се користат или репродуцираат за обука на модели на вештачка интелигенција. 

Судовите се на страната на компаниите за вештачка интелигенција

Правно гледано, компаниите за вештачка интелигенција постигнале значајни победи. Во пресудата за групна тужба за повреда на авторски права, поднесена од автори против „Антропик“ во јуни 2025 година, американскиот судија Вилијам Алсап пресуди дека употребата на дела заштитени со авторски права за обука на модели на вештачка интелигенција спаѓа во доктрината за фер употреба.

Една голема забелешка: преземањето пиратски верзии на книги од „библиотеки во сенка“, нелегални дигитални складишта на илјадници е-книги, не е легално. Во август 2025 година „Антропик“ постигна договор без судска постапка - да им плати 1,5 милијарда долари на авторите на 500.000 книги во една таква база на податоци. За возврат, тие не мораа да признаат никаква вина.

Одлични можности за издавачите

Некои издавачи се одлучија за мултимилионски договори за лиценцирање со компании за вештачка интелигенција наместо да се борат на суд. 

Сепак, како и многу бизниси, издавачите сакаат да ги тестираат алатките за вештачка интелигенција. Вештачката интелигенција, на пример, би можела да им помогне да ги сортираат, анализираат и да дадат уреднички коментари за купиштата ракописи што ги добиваат.

- Издавачите сфаќаат дека ова е алатка што ќе ги направи поефикасни. Може да им овозможи да прават повеќе со помалку работа. И да им помогне да продаваат повеќе книги. И затоа се соочуваат со дилемата колку алатки да вклучат пред да се прошири веста - заклучува Тед Мекилрој, аналитичар и консултант за технологија за издаваштво.

Извор: forbes.n1info.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија