X
 15.02.2022 Живот

Вакцинирани сте, примивте бустер-доза и прележавте ковид-19: Дали сега може да се опуштите?

Некои имале реинфекција, а некои се прашуваат каква заштита нуди вакцинацијата, заедно со инфекцијата што ја прележале.

Еве што велат експертите.

- Имунитетот е дефиниран како способност на телото да ве заштити од вируси кога сте изложени на бактерии или вируси. Во зависност од видот на инфекцијата, оваа заштита може да трае со месеци, години или дури до крајот на вашиот живот. Но, кога станува збор за ковид-19, имунитетот трае неколку месеци. Како што минува времето, имунитетот слабее, а колку точно може да трае, сѐ уште се истражува. Исто така, имунитетот кај секого функционира различно, за разлика од имунитетот стекнат со вакцинација, кој има стандардна формула за целата популација - објаснува шефот на Одделот за заразни болести на Медицинскиот центар во Балтимор, Теодор Бејли.

Малку е веројатно дека ќе се заразите по неколку месеци од вашата прва инфекција, вели Бејли, но една студија потврдува дека имунитетот по ковид, т.е. нивоата на антитела се намалуваат по три месеци од инфекцијата. Исто така, стекнувањето имунитет на еден вид вирус не значи дека сте го стекнале на друг.

Бидејќи секогаш ќе има шанса за повторна инфекција, тој ве советува да размислувате за имунитетот по болеста како нешто што ќе ве заштити од сериозен исход, но сепак ќе постојат ризични однесувања од кои не може да ве спаси.

Значи, сè уште има работи што треба да ги избегнувате бидејќи ги зголемуваат шансите за инфекција, како што е престојот во затворен простор каде што има голем број луѓе. Ова не значи дека оние што неодамна закрепнале од болеста мора да седат дома, туку треба да одлучат колкав ризик се спремни да преземат. Во првите месеци по инфекцијата повеќето од вакцинираните имаат многу мал ризик инфекцијата веднаш да се повтори, што значи дека ако одат во вежбалница, не мора да се плашат од хоспитализација.

- Патувањата, одењето во ресторани или во вежбалница се побезбедни места за нив, а уште побезбедно би било ако носат маски - додава Бејли.


Доколку планирате патување или сакате да одите на забава, лекарот ве советува да внимавате на мерките за заштита, како на пример носење маска во затворени простории каде што има голем број луѓе. Тоа е добар начин да се заштитите.

maska
Фото: Freepik

Вилијам Шафнер, професор на Универзитетот „Вандербилт“, се согласува и верува дека оние што неодамна закрепнале сè уште мора да носат маски во затворени простории, а ако планирате патување, дефинитивно треба да се тестирате, особено ако ги посетувате постарите членови на семејството. Тој, исто така, верува дека иако е мала, постои шанса повторно да се заразите и да го ширите вирусот.

Колку повеќе време поминало од претходната инфекција, толку се поголеми шансите повторно да се заразите.

Ризикот од појава на нови варијанти на вирусот треба да биде загрижувачки бидејќи кога ќе се појават, светот би можел да се соочи со нови проблеми и ќе мора да почекаме повторно за да разбереме колку вакцината и хибридниот имунитет нè штитат од нов вид на вирусот.

На крајот од целата приказна, лекарите истакнуваат дека колку ќе се движите и каде зависи од тоа колку сте спремни да ризикувате.

- Доколку имате 70 години и имате дијабетес, не би ви препорачал да ризикувате, но ако имате 25 години и сте целосно здрави и сте закрепнале од болеста, прво би ве прашал дали сте вакцинирани. Овие луѓе се слободни да се движат. Но бидејќи денес ништо не е сигурно, советувам и да се носи маска - истакнува Вилијам Шафнер.

Кога ќе дојдеме до точка каде што има сè помалку и помалку заразени, ризикот ќе биде помал. Помалку вируси во околината значи помала шанса да се шири и да се заразите.

Дополнително, можете малку да се опуштите и да бидете посмирени неколку недели откако ќе помине болеста, но сепак внимавајте каде одите и не заборавајте да носите маска.

Извор: Vox.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот