X
 19.07.2021 Здравје

Ретки случаи: Кои симптоми ги имаат вакцинираните што ќе се заразат со ковид-19?

Вакцината против ковид-19 дејствува, но постојат ретки случаи кога и вакцинирани лица се заразиле.

Карли Каме, иако ги добила двете дози на вакцината „Џонсон и Џонсон“, забележала дека ги изгубила мирисот и вкусот. Сфатила дека со денови се чувствувала многу уморна пред да се појават овие симптоми, а дополнителните симптоми ја убедиле дека не станува збор за обична настинка.

Според експертите, вакцините се многу ефикасни во спречување појава на сериозни симптоми, но ниту една вакцина не е 100 отсто ефикасна - објаснува д-р Лиза Адамс, деканка на Универзитетот „Дартмут“.

- Знаеме дека има и ќе има случаи на инфекција кај вакцинирани лица, но сега сме во ситуација кога малку вируси се во оптек. Исто така, кај овие луѓе формата на болеста ќе биде лесна - вели таа.

Вакцините постојат за да се спречат хоспитализација и смрт


Д-р Рошел Валенски, директор на Центарот за контрола на болести, рече дека новите податоци покажуваат дека 99,5 отсто од смртните случаи се кај луѓе што не се вакцинирани. Од 157 милиони луѓе што биле вакцинирани, само 733 починале. Околу 75 отсто од новите инфекции се случиле кај луѓе постари од 65 години.

Пол Офит, директор на Детската болница во Америка, додава дека вакцините сепак ја исполнуваат својата задача.

- Целта на вакцината е да ве заштити од болничко лекување и смрт. Ако имате лесна инфекција, тоа не е ништо страшно - додава тој.

vakcina
Фото: Freepik

Симптоми на инфекција кај вакцинираните луѓе


Според податоците, се чини дека инфекциите се лесни и честопати асимптоматски. Кога зборуваме за делта-сојот, станува збор за течење на носот и главоболка.

Маша Генес, новинарка од „Њујоркер“, се разболила иако била вакцинирана. Болеста била лесна, а симптомите вклучувале течење на носот, иритација на очите, замор, губење на мирис и вкус, но сите исчезнале за една недела.

Исто така, некои пријавиле опстипација и главоболки. Откако ја примил вакцината на „Модерна“, Трави Дагенаис од Бостон се разболил и имал симптоми слични на настинка, со температура. Тоа го натерало да се запраша што ќе се случело ако не бил вакциниран.

- Мора да сфатиме дека вакцината дава 94 или 95 отсто заштита, а не 100 отсто. Не станува збор за заштитен оклоп и невидлива сила. Да се помине низ она што го поминав е тешко, но не можам да замислам како би било ако не се вакцинирав - додава тој.

Помалку опасни за другите


Иако Каме и понатаму има некои симптоми на болеста, таа е среќна што вирусот не се пренесе на семејството.

- Мојот партнер не беше вакциниран и не се разболи, а спиевме во ист кревет. Работата е што можете да се разболите по вакцината, но не го пренесувате вирусот на блиските луѓе и со тоа да избегнете чувство на вина, што претпоставувам дека е ужасно - додава таа.

Луѓето што се заразиле со ковид-19 иако биле целосно вакцинирани, често имаат помалку вирус во нивните тела, што исто така значи дека се помалку заразни, се тврди во едно истражување спроведено во Израел. Неколку истражувања објаснуваат дека вакцината на „Фајзер“ може да биде ефикасна и до 94 отсто во спречување асимптоматска инфекција, со што се намалува ризикот од пренесување на болеста.

Извор: Boston25news.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје