X
 15.04.2018 Технологија

Прашањата што Закерберг не ги одговори

По повеќе од 10 часа сослушување на Марк Закерберг оваа недела, топката сега е кај американските политичари и регулатори. Многу сенатори не знаеја доволно за успешно да го испрашаат шефот на „Фејсбук“, а оние што знаеја беа ограничени од строгиот временски рок на испрашувањето од секој сенатор за време на сослушувањето. Како резултат на тоа, 33-годишниот милијардер го преживеа Вашингтон релативно неповреден, оставајќи многу прашања претежно неодговорени.

На пример, Закерберг само еднаш беше принуден да признае дека „Фејсбук“ собира податоци од корисници, дури и кога немаат профил. За „Фејсбук“, сега прашањето е дали граѓаните на САД ќе продолжат да го прифаќаат ова ниво на следење како ново статус кво или ќе ги притиснат политичарите да донесат нова регулатива. Членовите од двете страни на политиката сугерираа дека можеби е потребна регулација, но немаше консензус.


Фото: News.com.au

Дали користењето податоци на корисниците од страна на „Фејсбук“ е неетичко? Треба ли да има поголема заштита? Дали Фејсбук има нездрав монопол во просторот за социјални медиуми? Колку големо е преголемо? Дали технолошките гиганти треба да се растурат на ист начин како нафтените и телефонските индустрии во САД во минатиот век?

Сведочењето на Закерберг требаше да им помогне на американските политичари да се справат со овие прашања и можеби дури и да дадат одговор во форма на ново законодавство.

Сенаторот Френк Палоне од Њу Џерси на почетокот на сослушувањето изјави дека планира да работи на легислатива, но е песимистички дека Конгресот ќе помине ништо.

- Го гледам ова одново и одново - имаме сослушувања и ништо не се случува. Овој циклус мора да запре. Ни треба опсежна заштита на приватноста на податоците - истакна тој.

И додека „Фејсбук“ ги зголемува технологиите за препознавање лица и продолжува да работи на своите вештачки интелигентни системи, потребата да се воспостави регулатива што ќе ги проверува моќните технолошки компании ќе стане неопходна.

Абишек Нагараџ, асистент-професор на „Беркли“, смета дека некои закони ќе бидат усвоени по сослушувањето.

- Гледам некаков договор од двете страни дека правната рамка за интернет и податочните бизниси е важна, а со Општата регулатива за заштита на податоците во ЕУ постои притисок врз американските политичари - изјави таа.

Закерберг рече дека е отворен за регулатива.

- Важноста на интернетот расте низ целиот свет во животот на луѓето и мислам дека е неизбежно да има некои регулативи - рече тој.

Сепак, тој додаде дека политичарите треба да бидат внимателни, истакнувајќи дека новите правила или закони би можеле да им наштетат на помалите бизниси повеќе отколку на гигант како „Фејсбук“.

Но, другите делови од светот заземаат построг став кон „Фејсбук“ и кон други технолошки гиганти гладни за податоци, како „Гугл“ и „Амазон“. Регулативата ќе стане реалност за „Фејсбук“ во Европа, каде што од следниот месец ќе стапи во сила Општата регулатива за заштита на податоците, давајќи им на корисниците на интернет поголема контрола врз нивните податоци.

Во меѓувреме, властите во Австралија спроведуваат сопствена истрага за техничките гиганти и како дигиталните платформи функционираат во оваа земја.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија