X
 15.04.2021 Култура

Разгледница испратена од „Титаник“ понудена на аукција

Разгледница напишана неколку недели пред „Титаник“ да исчезне во длабочините на Северен Атлантик се продава на аукција. Се очекува новиот сопственик да издвои повеќе од 15.000 долари.

Фотографијата од познатиот прекуокеански брод го краси предниот дел на разгледницата, а на задната страна стојат зборовите напишани од Џек Филипс за својата сестра Елси Филип, во март 1912 година, додека ги чекал резултатите од тестовите за првото вистинско пловење на бродот.

- Работев до доцна. Се надевам дека ќе тргнеме во понеделник и ќе пристигнеме во среда попладне во Сотон. Се надевам дека сте добро. Се слушнав со Етел вчера - напишал Филипс, потпишувајќи се: - Ве сака Џек“.

Разгледницата има печат од Белфаст, градот каде што бил изграден „Титаник“.

Сотон, што Филипс го споменува е краткото име за Саутемптон, англиски пристаништен град од каде што „Титаник“ тргнал на своето прво и единствено патување.

Радиооператорот Филипс наполнил 25 години на патувањето и останал да работи дури и кога „Титаник“ удрил во сантата мраз за да им се обрати за помош на другите бродови, сè до моментот кога водата почнала да му ги прска нозете.

Тој го напуштил бродот кога капетанот му рекол дека ја завршил неговата должност, како што пишува во неговата биографија во британските национални архиви. Починал во студените води на Северниот Атлантик.

Се очекува разгледницата да достигне цена од 15.000 долари.

- Џек Филипс во текот на неговата кариера ѝ испратил стотици разгледници на својата сестра, честопати опишувајќи го бродот каде што работел во тоа време - наведува Боб Ливигнстон, извршен потпретседател на аукциската куќа „Ар-ар Окшн“.

Иако помина повеќе од еден век од кобниот 15 април 1912 година, кога потона „Титаник“, сувенирите од бродот и понатаму се исклучително популарни.

Извор: Independent.co.uk
Фото: RR Auction
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура