Фирмата „РМС Титаник Инк“ добила дозвола од американски суд да ја извади телеграфската машина со која биле испратени повиците за помош од
бродот „Титаник“ за време на несреќата. Судот пресудил дека машината е важна од историски и културен аспект и дека би можела да биде многу оштетена доколку не се спаси.
Бродот потонал во Атлантскиот океан во 1912 година, а во несреќата починале над 1.500 од вкупно 2.228 патници и членови на екипаж. Остатоците од бродот биле пронајдени во 1985 за време на меѓународна потрага водена од океанографот Роберт Балард.
Фото: Wikipedia
Бродот неодамна беше во центарот на дебата помеѓу оние кои сметаат дека артефактите се културно значајни и треба да се спасат и оние кои сметаат дека локацијата претставува гробница за загинатите патници и треба да остане недопрена.
На ноќта на несреќата, машината која сега ќе се спасува била искористена од операторите Џек Филипс и Херолд Брајд за да се испратат пораки до другите бродови во близина со надеж дека патниците ќе бидат спасени. Филипс починал таа вечер, но Брајд преживеал.
Фото: Wikipedia
Според планот, фирмата ќе стигне до машината користејќи автоматизирана подморница со која ќе се исече покривот на бродот. Сепак, пред да се започне со мисијата, можеби фирмата ќе треба да се соочи со уште легални битки. Националната океанска и атмосферска администрација е против експедицијата, тврдејќи дека околу машината има посмртни остатоци на над 1.500 луѓе и треба да остане недопрена.
Автор: Шерон Марис
Извор:
news.sky.com