Даниел Бакли бил син на пекар од Ирска и како многу други млади момчиња од неговата генерација, мечтаел за подобар живот во Америка. Затоа, продал сè што има, собрал пари и со група пријатели купиле бродски карти за трета класа до Њујорк. Судбината сакала тој брод да биде Титаник...
Бидејќи кабината се наоѓала под палубата, Даниел веднаш го почувствувал ударот на бродот во сантата мраз. Веднаш знаел дека нешто не е во ред, но неговите цимери не му поверувале сè додека не забележале дека на подот во кабината извира вода.
Даниел веднаш тргнал кон горната палуба и бил во групата патници кои ја скршиле заклучената врата што ги одвојувала богатите патници од останатиот дел на бродот. Така се нашол во делот каде се полнеле чамците за спасување патници.
Што точно правел Даниел во тие неколку часови се дознало од сведочењето на морнарот Х. Г. Хов. Тој им помагал на патниците да влезат во чамците, кога забележал една „многу мускулеста жена“ како влегува во еден од чамците.
Откако подобро погледнал, заклучил дека станува збор за Даниел Бакли кој бил облечен во фустан и имал марама на главата.
Според верзијата на Бакли, пак, тој инсистирал дека не носел фустан, но не одрекувал дека ставил марама преку главата!
Даниел, според сопственото сведочење, успеал да влезе во чамец за спасување, но кога еден од морнарите наредил сите мажи да го напуштат чамецот и се заканил со пиштол, една жена го покрила со марама преку главата и го спасила.
Откако стигнал во Америка, Даниел работел во хотел на Менхетен. Кога Америка во 1917 година се приклучила во Првата светска војна, се пријавил во војска. Бил во 69. полк составен главно од Американци со ирско потекло.
Во октомври 1918 година,
Даниел го загубил животот од германски снајперист, додека помагал во изнесување на ранетите на францускиот дел од фронтот. Погребан е во Франција, но неговите останки после војната се пренесени во Ирска, во 1919 година.