X
 15.05.2019 Технологија

Маск и Безос создаваат поевтин сателитски интернет

Во новата технологија на сателитски интернет вложуваат Илон Маск и Џеф Безос, а би требало да овозможи глобална покриеност со брз интернет, помала латенција и пониски цени.

Илон Маск и неговата компанија „Спејс екс“, Џеф Безос со проектот „Куипер“ и многу други компании развиваат сателитска технологија која во иднина ќе овозможи подобра глобална покриеност со интернет, но и пониски цени. „Спејс екс“ оваа недела почна со лансирањето на првите сателити во рамките на проектот „Старлинк“, но треба да помине некое време пред да ни биде достапен нивниот сателитски интернет бидејќи нивниот конечен план вклучува лансирање на околу 12.000 сателити.

Технологијата што ја применуваат користи таканаречени ЛЕО (Low Earth Orbit) сателити што се лансираат на пониска височина во однос на класичните сателити и ќе се наоѓаат на висина помеѓу 160 и речиси 2.000 километри над Земјата. Освен подобра покриеност, истражувањето на компанијата „Бродбенднау“ спроведено за САД покажува дека благодарение на новата сателитска технологија, ќе паднат и цените за пристап до интернетот за стотици милиони Американци.

Но, ниската цена не е единствената предност на сателитскиот интернет - бидејќи сателитите се наоѓаат во ниска орбита и се поблиску до нашата планета во споредба со класичните сателити, потребно е помалку време за пренос на информација, па латенцијата ќе биде помала, додека квалитетот на услугите ќе биде сличен како и во случајот на фиксен бродбенд. Помалата латенција ќе овозможи поквалитетен стриминг на видеосодржините и видеоразговорите, но најголема корист од неа ќе имаат гејмерите.
Во рамките на проектот „Куипер“, Џеф Безос планира да лансира повеќе од 3.000 сателити што ќе овозможуваат услуги на интернет-пристап. Благодарение на оваа технологија, пристап со брз интернет ќе добијат и подрачја што моментално немаат можност за тоа.

Но, ништо нема да се промени преку ноќ бидејќи станува збор за технологија што е во ран стадиум на развој и ќе помине многу време пред да стане достапен сателитскиот интернет на Безос и Маск, а на слични проекти работат и други компании, како „Уанвеб“, „Телесат“, „ЛеоСат“ итн.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија