Многу професии пред појавата на „Гугл“ биле тешки за извршување, но клучот беше во меѓучовечките односи.
Дали е во ред мојата мачка да стане веган? Како може бебињата да мирисаат толку свежо? Што е љубов?
Во периодот од 20 години откако се појави, „Гугл“ одговори на многу прашања.
Некои професии во чија основа лежи истражувањето значително се променија откако е лансиран „Гугл“, па сега е тешко да се замисли како луѓето ги извршувале претходно.
Еве како се извршувале професиите новинар, адвокат, библиотекар и академик пред „Гугл“.
Новинар
Џерет Хјуџис бил репортер за „Дејли пост“ во Северен Велс од 1974 до 2006 година.
- Морав да пишувам за разни работи и никој од мене не бараше да знам сѐ. Имав енциклопедија, локална библиотека, но најважно од сѐ беше да се знае оној што ги знаеше фактите и да се знаат оние што познаваат вакви луѓе. Мислам дека во секое село постоеше барем по една личност што ја познавав.
Имавме библиотека во канцеларијата во Ливерпул и во неа се чуваа сите весници, сите исечоци, за секоја приказна. Сѐ што беше потребно за темата за која пишувавте библиотекарите ќе го пронајдеа и ќе го испратеа по факс. Беа фантастични.
Јас чував сѐ. Се сеќавам за приказната за бебе родено километри оддалечено, во текот на зима, кое беше премногу малечко. Кога стигна во болницата, никој не веруваше дека ќе преживее.
Шест месеци потоа, кога беше пуштено од болница, повторно пишував за него, а по 10 години повторно се вратив на приказната. Неодамна, кога ги разгледував моите репортажи, ја пронајдов приказната. Видов дека наскоро полни 21 година, па ја контактирав локалната пошта. Ми кажаа дека живее на неколку минути од мојата канцеларија.
„Гугл“ е навистина корисен, но ништо не може да се спореди со личните контакти - вели Хјуџес.
Адвокат
Хилари Хајлборн е адвокатка од 1972 година. Сега е член на Брик комората на судии во Лондон и се занимава со трговско право и меѓународна арбитража.
- Како почетник во адвокатурата, добивате инструкции, но морате и сами да истражувате и да барате информации од правни извештаи, учебници и да ја посетите библиотеката.
За некои истражувања морате да пронајдете случај што води до друг случај.
Извештаите сега се достапни онлајн - јас имам цела полица правни извештаи. Убаво изгледа, но сега за ништо не служи. Тоа што извештаите се на мрежата може да ви заштеди време и е многу поедноставно. Сепак, морате да бидете внимателни бидејќи многу материјали се достапни, па мора сите да ги проверите.
Исто така, порано не можевме да се рекламираме. Градевме добри односи со клиентите и се надевавме дека и во иднина ќе ни се обратат за помош.
Библиотекар
Децении претходно персоналот во њујоршката јавна библиотека бил „движечки Гугл“. Тие собирале прашања од јавноста и потоа се обидувале да пронајдат одговори од обемниот материјал што им бил на располагање.
Последните години персоналот поставува фотографии од картички со прашања на инстаграм-профилот на библиотеката.
- Каде можам да ја пронајдам целата достапна статистика за обемот на бизнис и пари од продажбата на трупови? - прашал некој во 1948 година.
Во 2018 година „Гугл“ во одговорот на ова прашање го нуди истражувањето направено од „Ројтерс“ во врска со трговијата со трупови во 2018 година.
- Дали глушецот може да поврати? - го интересирало некој во 1949 година.
Одговорот бил дека глушецот навистина може да поврати.
Академици
Џенис Јелин докторирала во раните 70-ти на колеџ во Бостон. Сега е професорка по историја на уметноста на колеџ во Масачусетс.
-„Гугл“ промени сѐ. Можам да соберам материјали без да губам време во музеј или библиотека и можам да си ја завршам работата многу поефикасно.
Просечното време што го поминувам во истражување, благодарение на „Гугл“, ми е скратено за 80 отсто. Претходно работевме многу поинаку. Ако работам на нешто и немам доволно информации, можам сама да го пребарам материјалот во библиотека.
Но порано во библиотеките имаше одлично дружење и во контекст на развојот на кариерата, но и во тоа што беше огромна вредност. Работата
онлајн е многу поизолирана.
Има нешто убаво во тоа денот да го поминете опкружени со книги и други луѓе. Студентите сега не градат такви односи - вели Јелин.