X
 08.06.2016 Живот

Дали родителите треба да објавуваат слики од децата на интернет?

Ова е прашање кое си го поставиле голем дел од родителите. На крај, значаен дел од родителите одлучуваат да објават. Просечен родител објавува илјада фотографии на социјалните мрежи пред детето да наполни пет години, според неодамнешно истражување.


Многу родители не ги прашуваат децата за дозвола пред да објават фотографии од нив, а многу не ги провериле подесувањата за приватност, иако фотографиите содржат податоци за местата каде што биле направени.

Критичарите сметаат дека ризикот од ставање на детето во опасност не треба да се игнорира. Најдобро е да ги задржите фотографиите подалеку од интернетот. Сепак, за некои родители, споделувањето фотографии од децата на интернет може да биде добро искуство и начин за поврзување со другите родители. Но, мора да бидете подготвени да ја носите одговорноста за она што го објавувате.

Некои од потенцијалните опасности при споделувањето слики од децата се кражба на идентитет, користење на сликата на погрешен начин итн. Секако, ниту еден родител не би требало да споделува фотографии кои се невкусни или несоодветни. Исто така, ниту еден родител не би требало да споделува фотографии од постарите деца доколку тие го замолиле да не го прави тоа.

Критичарите сметаат дека може да има ефекти на интернетот за кои воопшто не знаеме и секогаш, технологиите имаат и негативни влијанија, но секогаш ќе има и нови решенија.

Лорен Апфел, мајка вели дека „не треба да се плашиме од непознатото, треба да го прифатиме дигиталниот свет и се' што има да понуди со интеракција со него на цивилизиран начин. Родителството (впрочем, животот) е доволно тешко без да им дозволиме на непотребните грижи за иднината да ги диктираат одлуките во сегашноста“.

На што треба да внимаваат родителите кога објавуваат слики од своите деца на интернет?


Во денешниот свет, податоците се бизнис. Многу од содржината која се става на интернет се користи од собирачите и продавачи на податоци. Во поглед на децата, сликите кои се објавуваат од нивното раѓање може да послужат за создавање цели профили на луѓе кои се продаваат и препродаваат. Тие може да се искористат и од бизнисите за проценка на корисниците, за видот на содржина кој ќе им биде сервиран итн.

Секако, тука се и долгорочните ефекти од податочните профили кои се' уште не ги разбираме. Потоа, родителите треба да запомнат дека нивните слики нема да ги видат само нивните роднини, туку многу поголема мрежа на луѓе.

Конечно, тука се и самите деца. На децата ретко им се дава шанса да се согласат за нивните фотографии да бидат објавени. Децата немаат контрола врз она што се покажува од нив на интернет. Сликите кои се слатки за родителот може да бидат засрамувачки за детето и да бидат причина за лошо однесување од страна на нивни соученици или колеги.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот