X
 15.05.2019 Наука

Месечината се намалила за 50 метри и сѐ уште е тектонски активна

Иако речиси сета вулканска активност на Месечината прекинала пред повеќе милијарди години и станува збор за мртов сателит на Земјата со ретка геолошка активност, таму повремено, како и на нашата и на другите планети, има потреси.

Научниците од НАСА тврдат дека поради внатрешното ладење, во последните неколку стотици милиони години ова небесно тело се намалило за 50 метри и дека сè уште е тектонски активно.

Постепено собирајќи се, Месечината станува збрчкана. Научниците тоа го споредуваат со собирање на зрна грозје, кои се смалуваат и се збрчкуваат. Но, површината на Месечината е кревка и при собирањето се распаѓа. До овие појави доаѓа кога кората се поместува и турка еден дел над друг. Притоа се формираат невообичаени карпи кои може да се видат на површината. Тие се високи и долги по неколку километри.

Карпите што порано се распаднале оставиле траги по целата површина, а новите податоци од мисијата на НАСА посочуваат на тоа дека и денес по должината на тие расцепи има потреси.

Новите истражувања се овозможени од алгоритми со кои се обработени сеизмички податоци од 60-тите и 70-тите години од минатиот век, што придонело за расветлување на тектонските активности на Месечината и нивно подобро разбирање. Научниците ги споредувале податоците со фотографиите што во 2010 година ги направил лунарен орбитер на НАСА.

Од претходно се знае дека на Месечината се случуваат четири вида потреси - првите три типа се однесуваат на длабоките потреси предизвикани од судирите со метеорити или топлинските потреси, но тие се релативно слаби. Четвртиот вид таканаречени плитки потреси е посилен и може да достигне до 5,5 степени според Рихтеровата скала и да трае до 10 минути.

- Со анализата заклучивме дека ваквата активност сè уште е присутна и дека најверојатно предизвикува потреси и денес додека Месечината и понатаму постепено се лади и се смалува - вели Томас Ватерс, научник од Центарот за Земјата и планетарни студии во Вашингтон.

Тој додава дека некои потреси се прилично јаки и дека се мерат и до 5,5 степени според Рихтеровата скала.

За студијата научниците проучиле 28 потреси на Месечината што се случиле од 1969 до 1977 година и претпоставиле дека најмалку осум потреси биле последица на поместување под површината на Месечината, а не на удари од астероиди. Овие потреси биле детектирани од пет сеизмометри поставени на површината на Месечината со мисиите Аполо 11, 12, 14, 15 и 16. Според научниците, овие потреси не биле многу големи.

Тие тврдат дека потресите и собирањето на ова небесно тело продолжуваат и денес, а фотографиите од камењата на површината упатуваат на неодамнешни тектонски активности.

Од НАСА велат дека потресите се случуваат во момент кога Месечината е на најголема оддалеченост од Земјата бидејќи Земјината гравитација ја оштетува нејзината кора.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука