X
 22.01.2018 Наука

За 200 години нема да нѐ има, предупредуваат научниците


Илустрација, Земјата во пламен
(Фото: Pixabay)


Астробиолозите ја повикале НАСА да искористи сè што откриваат геолозите за новата доба, антропоценот, што би можело да помогне во унапредувањето на вселенската мисија за барање вонземска интелигенција.

Антропоценот, иако сè уште не е службено признат како геолошка доба, го одразува времето откако луѓето доволно силно почнале да влијаат врз Земјата така што да остават значајни траги во геолошките записи. 

Тоа вклучува сè, од еколошки промени до планетарни наталожувања на радиоактивен отпад од нуклеарните тестирања. Постојат и материјали, како што се пластиката, бетонот и егзотичните минерали, кои најверојатно ќе го пронајдат својот пат во геолошката вечност.

„Се наоѓаме во време кога човечкото влијание не само што почнува да влијае врз климата туку носи и трајни промени кои милиони години ќе бидат видливи во камењата“, рекол Џејкоб Хак-Мисра, астробиолог од Институтот за наука „Блу Марбел Спејс“ во Сиетл.

Во контекст на денешната климатска проблематика, секоја технолошка цивилизација што живее на планетата со ограничени количини ресурси ќе се соочи со ограничувања и со последиците од растот. Истовремено ќе биде изложена на самонаметнати или надворешни закани кои со текот на времето ќе се зголемуваат.

Ова сфаќање го поттикнало Томас Малтус да напише многубројни предупредувања во 1789 година за ограничувањата на порастот на човечката популација и неговото дејствување врз околината и земјоделските системи, што укажувало на можност од цивилизациски колапс.

Дополнителните анализи во наредните неколку децении попрецизно го одредиле прагот на овој колапс врз основа на способноста на технологијата за подигнување на оптоварувањето на планетата.

Современа анализа на овој проблем со неодамнешни популациски и земјоделски податоци покажува дека растот на снабдување со храна треба да продолжи да ги надминува трендовите на раст на популацијата во најблиска иднина.

Меѓутоа, оваа анализа исто така открива дека дури и ако се ублажат емисијата на гасови и ефектот на стаклена градина, растот на човечката цивилизација во поглед на користењето на енергијата термодинамички ќе продолжи да ја зголемува температурата на Земјата.

Ако и понатаму продолжи актуелната потрошувачка на енергија, тогаш би можело да се случи еколошко катастрофално загревање, кое ќе ја надмине толеранцијата на животот на високата температура, што би можело да се случи од 2200 до 2400 година, независно од предвиденото намалување на растот на популацијата до 2100 година.

Предвидувањата се дека за 200 години нема да има живи суштества на Земјата бидејќи условите за живот ќе станат неподносливи. Човештвото не може да живее во таква средина и веднаш ќе исчезне, се наведува во официјалното соопштение од стручните лица на Националната академија на науки во САД.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука