X
 28.09.2015 Образование

Секоја година имаме помалку ученици, а повеќе наставници



Бројот на ученици во основното и средното образование постојано опаѓа, но секоја година расте бројот на наставници. Според податоци од Државниот завод за статистика зa шест години имаме 24.015 ученици помалку во основното образование, но затоа се вработиле дополнителни 1.698 наставници. И во средното образвание имаме сличен тренд. За истиот период има 10.321 ученик помалку, а вработени се дополнителни 803 наставници.

Во просек денеска еден наставник предава на 11 ученици основци, а во 2008 година сме имале еден наставниик на 13 ученици. Во 2001 година пак еден наставник предавал на 18 ученици, што е огромна разлика во однос на денешната состојба.

Во средното образование пред 14 години, имало еден наставник наспроти 14 ученици, за разлика од сега кога имаме еден наставниик на 11 ученици.

Прашањата кои логично се поставуваат се зошто има дополнителни вработувања во образовниот процес, кога постојано опаѓа бројот на ученици? Дали во претходните години имало недостаток од наставен кадар, дали сега наставните програми налагаат засилување на кадарот или се работи за нешто друго?

Надлежните велат дека нема опасност од отпуштање на наставници и дека нема вишок, но просветните работници стравуваат за своите работни места, посебно оние кои работат во помалите средини.

- Со колешка работиме со комбинирани паралелки. Јас имам десет ученици, а таа седум. Ако општината одлучи да ги спои, една од нас останува на улица. Но, во тој случај во една училна и со една наставничка ќе учат четири одделенија што ќе биде погубно за образовниот процес на децата – вели наставничка од подрачно основно училиште.

Претседателот на Синидикатот за образование наука и култура, Јаким Неделков вели дека се загрижени за се помалиот број на ученици во училиштата, но наставниците се прераспределуваат во училишта каде има потреба. Засега нема вишок на наставен кадар. Според Неделков главната причина за зголемениот број на наставници е зголемувањето на фондот на часови и наставни предмети.

- За разлика од порано, сега имаме многу повеќе предмети, како во основното така и во средното образование. И во одделенска настава за жал учениците имаат многу повеќе часови. Тоа секако води кон потреба за повеќе наставници -вели Неделков.


 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование