X
 15.06.2020 Живот

Владата предлага нова вонредна состојба до 22 јуни

Нова вонредна состојба од денеска до 22 јуни да прогласи претседателот Стево Пендаровски, предлага Владата по вечерашната 67. седница. Предлогот веднаш ќе биде доставен до претседателот, врз основа на членот 125 од Уставот, да утврди постоење на вонредна состојба за период од 8 дена.

- Предлогот се поднесува заради спроведување на предвремени избори за пратеници во Собранието, со мерки за заштита на јавното здравје во услови на пандемија прогласена од Светската здравствена организација што ја зафати и нашата држава – пишува во соопштението на Владата.

Дополнување...

Претседателот Стево Пендаровски вечерва донесе нова одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на целата држава.

Одлуката е донесена врз основа на член 125 и член 126 од Уставот на Република Северна Македонија, по поднесениот предлог од страна на Владата, а е во времетраење од осум дена, почнувајќи од 15 јуни 2020 година.

Политичките партии постигнаа договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули 2020 година.
Во таа насока, одлуката за прогласување на вонредна состојба се донесува со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите, а особено спроведување на мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес, во услови на пандемија на Корона вирусот прогласена од Светската здравствена организација.

Вонредната состојба во времетраење од осум дена ќе овозможи непрекинато да се одвива изборниот процес, да се донесе решение за изборите од страна на претседателот на Собранието и изменет роковник од страна на Државната изборна комисија за одржување на изборите на 15 јули.

По постигнатиот политички договор, претседателот Пендаровски очекува институциите навремено да ги преземат сите активности од нивна надлежност со цел квалитетна и комплетна подготовка и спроведување на изборниот процес.
Во таа смисла претседателот Пендаровски очекува деновите од вонредната состојба да бидат искористени единствено да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите, со акцент на мерките за заштита на јавното здравје.

Претседателот Пендаровски очекува предвремените парламентарни избори да бидат фер, слободни и демократски, имајќи ја предвид евроатлантската перспектива на земјата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот