X
 23.11.2023 Политика

Кој е популистот што победи на изборите во Холандија? Сака да ги забрани џамиите и Куранот

Герт Вилдерс, холандскиот антиевропски екстремно десничарски популист чии антиисламски коментари доведоа до смртни закани, најверојатно ќе стане нов премиер откако неговата Партија на слободата презеде јасно водство на парламентарните избори во средата.

По 25 години во холандската политика без специфична функција, Вилдерс се очекува да ги води преговорите за коалициска влада и има добри шанси да стане премиер. Резултатите од изборите во средата покажаа дека партијата на Вилдерс е во јасно водство. Партијата освоила 35 од 150 места во парламентот, односно 10 места повеќе од најблискиот ривал. Партијата на моменталниот премиер Марк Руте е на трето место со 24 места.

- Ќе мораме да најдеме начини да ги исполниме надежите на нашите гласачи, да ги вратиме Холанѓаните на првото место - рече Вилдерс во својот прв говор.

Тој додаде дека ќе му стави крај на цунамито на азилот и миграцијата во Холандија.

Вилдерс беше осуден за дискриминација на Мароканците откако во 2014 година на предизборен митинг ја праша толпата дали сака повеќе или помалку Мароканци. Откако навивачите скандираа „Помалку!“, тој одговори: „Ќе се погрижиме“. Во 2021 година, кога Врховниот суд ја потврди пресудата, Вилдерс рече дека бил жртва на лов на вештерки и корумпиран правен систем.


Тој во минатото остро ја коментирал Европската Унија, иако го ублажил тонот за време на предизборната кампања. Сепак, тој се држи до строг антимиграциски пристап.

- Доста е. Холандија веќе не може да издржи. Треба прво да мислиме на сопствениот народ. Границите да бидат затворени. Нула баратели на азил - рече Вилдерс во телевизиската дебата пред изборите.

Ставовите за исламот на Вилдерс поттикнале и смртни закани, поради што со години живеел со силна полициска заштита. Тој го нарекол пророкот Мухамед „педофил“, исламот „фашистичка идеологија“ и „заостаната религија“, а сака да ги забрани џамијата и Куранот во Холандија. Вилдерс, исто така, повеќепати изјави дека Холандија треба да престане да ѝ испорачува оружје на Украина бидејќи на земјата ѝ треба оружје за да се одбрани. Сепак, ниту една од партиите со кои тој потенцијално би можел да формира влада не ги дели овие идеи.

Малку се знае за неговиот приватен живот, освен дека е оженет со Унгарка и има две мачки.

Победата на Вилдерс доаѓа по околу два месеца од враќањето на анти-ЕУ популистот Роберт Фицо на чело на владата во Словачка. Минатата година Италија ја формира најдесно ориентираната влада од Втората светска војна по победата на Џорџија Мелони.

Извори: Telegram | Reuters
Насловна фотографија: Geert Wilders
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика