Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ги отвoра вратите за 3.870 студенти. Толку е бројот на слободни места на сите факултети и академии за академската 2022/2023 година, порача проректорот за наука Дејан Мираковски, кој од септември ја презема функцијата ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип.
- Оваа година, како и минатите, запишуваме слична бројка на студенти, слободни места на УГД има за 2.202 редовни студенти, во квотата со кофинансирање 913 и вонредни 755 или вкупно на 12 факултети и три академии 3.870 слободни места предвидени со Конкурсот. Првиот уписен рок е на 25, 26, 29 и 30 август, но веќе е отворен системот за електронско аплицирање. Студентите можат електронски да аплицираат преку електронската платформа на веб-страницата на УГД, а физички документите можат да ги достават по 10 август - рече Мираковски.
Тој најави дека УГД и годинава ќе ги стипендира најдобро рангираните студенти на уписите, како и сите студенти кои ќе се запишат на студиската програма за македонски јазик. Новина оваа година е студиската програма на англски јазик на насоката Општа медицина на Факултетот за медицински науки, а акредитирани програми на англиски јазик има и на Правниот факултет и на Музичката академија.
Смета дека годинава ќе имаат интерес за запишување на некои од факултети и од студенти од други земји. Традиционално се запишуваат студенти од Турција, но интерес има и од соседните држави, како и од Израел.
Посочи дека како Универзитет се спремни за хибриден модел за настава, доколку има нов бран на коронавирусот. Практичната настава, вежбите, како и работата во лабораториите ќе се реализираат со физичко присуство, доколку налага состојбата во тој случај ќе се организира онлајн настава. Но, засега нема никаква одлука и состојбата ќе се следи, па ќе се знае на 1 октомври 2022 година, како ќе почне наставата на УГД-Штип.
ТУКА можете да го видите целиот конкурс за прв циклус студии.
Извор: МИА