X
 15.01.2019 Живот

Конкурс за новинарска сторија за студенти

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во соработка со Европската федерација на новинари објавува конкурс за новинарска сторија на тема „Условите за работа на новинарите и медиумските работници во Македонија“.

Конкурсот е отворен за студентите по новинарство од сите универзитети во Македонија, без разлика на кое ниво од студиите се во моментов. Пријавените содржини треба да ги задоволуваат новинарските стандарди и кодексот на новинари, условите за обем на содржините зависно од форматот и да бидат насочени кон подигање на свеста кај студентите за условите во кои работат новинарите и медиумските работници во медиумските организации во Македонија.

Сториите може да бидат во кој било формат: текст (3-5 страници во Ворд), аудиоприлог (1,5-2 минути), видеоприлог (1,5-2 минути), репортажа (пишана 3-5 страници, аудио/видео 2-3 минути) или карикатура.
Најдобрата сторија ќе ја одбере жири-комисија составена од реномирани новинари и уредници, како и претставник на Европската федерација на новинари.
Авторот на најдобрата сторија ќе добие награда од 150 евра, бесплатна меѓународна прес-картичка со важност од две години и менторство за дооформување на текстот според новинарските стандарди. Наградената сторија ќе биде преведена на англиски јазик и објавена во магазинот на Европската федерација на новинари.

Сториите за конкурсот студентите може да ги испраќаат на електронската пошта ssnm.info@gmail.com (текст – закачени како ворд или пдф-документ, аудио/видео – линк од закачениот прилог преку www.wetransfer.com). Со апликацијата треба да биде доставена и кратка биографија на авторот (на кој факултет студира и која година на студии е во моментов).

Конкурсот е отворен до 1 март 2019 година.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот