22.01.2019
Живот
Kонкурс за есеј на тема „Слобода на медиумите и информирањето“ на Радио МОФ
Радио МОФ во рамките на кампањата #СедмаСила како дел од „Проектот за младинско изразување“, поддржан од Европската Унија, објавува конкурс за есеј на тема „Слобода на медиумите и информирањето“. Целта на конкурсот е да ја подигне свеста за важноста за вклучување на младите во општествено-одговорни прашања кои се значајни за унапредување на демократијата.
Право на учество имаат сите млади, на возраст од 15 до 29 години, кои сакаат да понудат креативно решение за проблемот со цензура во редакциите, ширење невистини во медиумскиот простор и подобрување на состојбата со слободата на медиумите, притоа ставајќи се себеси во улога на новинар. Идејата на конкурсот е авторот да понуди нова, „свежа“ перспектива во решавање на проблемите со кои се соочуваат сите новинари.
Секој од текстовите почнува како примерот подолу, ваше е да ја завршите приказната:
„Мојата најголема желба беше да се вработам како новинар. И тоа се случи. Првите текстови ми беа просечни, но конечно најдов сторија за која навистина сакав да пишувам. Ги снимив изјавите од соговорниците пред кои имав голема одговорност, седнав, го напишав текстот и ги средив фотографиите. Колегите ми рекоа дека сторијата е одлична, па гордо му ја предадов на уредникот.
Тука почнаа моите проблеми. На уредникот не му се допадна напишаното иако беа почитувани сите новинарски правила и етички кодекси. Можев да ја објавам сторијата и да добијам отказ или да ја променам приказната за да му се допадне на уредникот. Еве каков беше мојот избор…“
Есеите треба да бидат напишани на македонски јазик, со должина од околу 500 збора. Во текстот треба да кажете што би направиле, која е мотивацијата зад вашата постапка и какви се последиците од неа. Имајте предвид дека новинарството е јавно добро, а новинарите имаат должност да пишуваат за работите за кои другите молчат.
Есеите се испраќаат со име и презиме или под псевдоним на info@radiomof.mk, најдоцна до 31 јануари 2019 (четврток) со назнака „Награден конкурс за есеј #СедмаСила“. Заедно со есејот потребно е да бидат испратени и податоци за авторот (име и презиме и телефонски број).
Најдобриот текст ќе го избере комисијата од Радио МОФ, составена од претставници на Радио МОФ, Младински образовен форум и Институтот за комуникациски студии. Есеите ќе бидат објавени во посебна рубрика, како и на „Фејсбук“ под хаштагот #СедмаСилаКонкурс.
На конкурсот ќе биде доделен вредносен ваучер од 6.000 денари, за ИТ-опрема.