X
 15.07.2023 Наука

Папагалите уживаат во онлајн разговорите со други папагали

Исто како луѓето, и папагалите можат да разговараат со пријателите преку интернет.

Студија спроведена од истражувачи од Североисточниот универзитет и Технолошкиот институт во Масачусетс во САД, во соработка со научници од Универзитетот во Глазгов, покажува нови методи на комуникација за папагалите. Во истражувањето учествувале 15 папагали кои иницирале повици на други папагали преку телефон или таблет. Папагалите се движеле, пееле и играле додека траеле повиците.

Научниците забележале дека за време на повиците биле формирани и пријателства бидејќи птиците покажувале наклонетост кон одредени папагали кога им бил понуден избор. Најпопуларни папагали биле оние што иницирале најмногу повици. Истражувачите објасниле дека сакале да видат дали милионите папагали што се чуваат како домашни миленици може да имаат придобивки од видеоповиците преку интернет.


Папагалите се едни од најинтелигентните животни и имаат одличен вид, што им овозможува да ги толкуваат движењата на екран пред нив. За време на истражувањето, сопствениците на папагалите изјавиле дека се поблиски со нивните домашни миленици за време на експериментите. Се чини дека птиците уживале во дополнителното внимание што го добивале од луѓето, но и од други папагали.

- Изгледа дека папагалите разбираа дека навистина комуницираат со други птици на екранот и нивното однесување често го отсликуваше она што би се очекувало од комуникација во живо помеѓу овие видови птици - изјавила Џенифер Куна, истражувачка која била вклучена во пишувањето на студијата.

Во дивината папагалите живеат со други птици и може да се чувствуваат изолирани кога се затворени во дом. Изолацијата и здодевноста може да доведат до психолошки проблеми кај папагалите.

Извор: Science alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука