X
 20.05.2023 Наука

Мозокот на кучињата се зголемил со текот на годините

Ново истражување покажува дека мозокот кај некои видови кучиња се зголемил со текот на годините. Научниците сè уште не знаат зошто, но забележале дека черепот на кучињата навистина се зголемил во однос на нивните тела во последните 150 години.

Станува збор за вистински феномен бидејќи истражувањата покажале дека мозокот на припитомените диви животни обично се намалува поради намалената потреба за негово користење во борбата за преживување. Меѓутоа, новото истражување спроведено на 159 раси, но и на волци, покажува дека мозокот на кучињата станува сè поголем.

Припитомувањето на кучињата пред илјадници години предизвикало намалување на деловите од нивниот мозок одговорни за лов и избор на партнер, но се чини дека современата грижа за нив повторно го стимулирала нивниот когнитивен раст.


Фото: Pixabay

- Претпоставувавме дека доаѓа до зголемување на мозокот бидејќи расите живеат во различни степени на општествена комплексност и извршуваат комплицирани задачи, што бара поголем капацитет на мозокот - изјавил биологот Никлас Колм од Универзитетот во Стокхолм.

Под задачи се мисли на активности како спорт или сточарство. Меѓутоа, се покажало дека тоа веројатно не е единствената причина, а научниците не се сигурни што довело до овој феномен. Единствената корелација што била пронајдена во истражувањето била таа помеѓу мозокот на кучињата и разликите со волците. Имено, колку е поголем кучешкиот мозок, толку генетскиот код на кучето е поразличен од оној на волкот.

- Покомплексната средина, урбанизацијата и адаптацијата на кучињата на многу правила, како и повисоки очекувања од видовите, веројатно се некои од причините што мозокот на кучињата расте - изјавил научникот Енико Кубињи, кој работел на истражувањето.

Извор: Green
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука