X
 15.08.2018 Култура

Ашрамот што го прослави легендарниот бенд „Битлси“ отворен за посети



Индискиот ашрам во подножјето на Хималаите, каде што легендарниот бенд „Битлси“ ги создал повеќето од песните за својот „White Album“, е отворен за посети, пишува „Франс прес“.

Пред 50 години членовите на најпознатата британска група на 20 век - Џон Ленон, Пол Макартни, Ринго Стар и Џорџ Харисон - престојуваа во ашрамот во Ришикеш на покана од гуруто Махариши Махеш Јоги.


Ашрам во Индија
(Фото: Thinkstock)


Тој ги подучувал на техниките на трансцендентална медитација. Снимката од четворицата „битлси“ како седат во поза за медитација облечени во бели облеки со венци од цвеќе околу вратот го обиколи светот.

Набрзо во сеансите им се приклучиле и Мајк Лав од „Бич бојс“, британскиот пејач Донован и американската актерка Миа Фароу. Тапанарот Ринго Стар бил единствениот што не можел да ја прифати специфичната кујна, па по десет дена заминал од ашрамот.

Пол Макартни се задржал во Индија пет недели, а Ленон и Харисон останале два месеца. „Битлсите“ го напуштиле Махариши откако атмосферата станала многу напната заради шпекулациите дека тој сексуално ја вознемирувал Фароу и дека сакал да заработи на сметка на своите популарни ученици.

Новинарот Раџу Гусаин, кој имал голема улога во обновата на ашрамот, изјави дека ашрамот бил во многу запуштена состојба и имало знаци дека луѓе и животни провалувале во периодот кога бил напуштен.

„Имаше траги од леопарди и слонови... Подигнавме ограда за да не влегуваат животни од блискиот резерват на тигри“, истакна тој.

Денес за посета на ашрамот, каде што е поставена изложба на фотографии и е отворена кафетерија, ако сте странец, треба да платите 600 рупии (7,5 евра) за влезница, а за домашните гости таа изнесува 150 рупии (1,9 евро).
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура