15.10.2018
Живот
За лажно боледување во Србија ќе следува отказ
Работодавците во Србија од јануари следната година ќе можат да им даваат отказ на вработени што отвораат лажни боледувања, предвидуваат најновите измени на Законот за работни односи.
Тие одредби се носат поради процената дека во Србија од 280.000 боледувања годишно, дури 11 отсто се лажни. Тоа значи дека повеќе од 30.000 работници секоја година не доаѓаат на работа иако немаат никакви здравствени проблеми.
Законските промени ги предлага Стопанската комора на Србија, а одредбите ќе бидат пред Собранието во почетокот на следната година.
Комората му предложи на министерството за труд да се дополни законот, така што работодавецот може да побара извештај од здравствените установи за да се утврди основаноста на боледувањата. Доколку се утврди дека се злоупотребени правата за боледување, работодавецот може да му даде отказ на работникот.
Извор: МИА