X
 16.08.2019 Наша тема

Како професорка по латински јазик од Крива Паланка заврши да работи во обложувачница

Приказната на Силвана Величковска е само една од многуте што станаа секојдневие во „сивата зона“ за кои никој не зборува. Половина фонд на часови е проблем со кој се соочуваат многу наставници, пред сѐ, поради намалениот број на ученици во Македонија

Знае латински и старогрчки. По 15 години поминати во образование како професорка по латински јазик, просветен работник кој со љубов и посветеност си ја работел работата, денес лебот го заработува во спортска обложувaчница.
За Силвана Величковска не важи поговорката - што е твое ќе си дојде. Таа сѐ уште чека да дојде нејзиното време кога со полн фонд на часови ќе може да си ја работи работата за која отсекогаш сонувала - да подучува деца. По 15 години премрежиња, недоволен број на часови за минимална, а камоли пристојна плата, мобинг од група колеги, ниеден документ за да го докаже тоа, таа решила да си даде отказ.

Приказната на Силвана Величковска е само една од многуте што станаа секојдневие во „сивата зона“ за кои никој не зборува. Половина фонд на часови е проблем со кој се соочуваат многу наставници, пред сѐ, поради намалениот број на ученици во Македонија, но и делењето на фондот на часови според пријателска или друга заслуга. A бројот на часовите директно се одразува врз платата. За да стигне до попристојна сума, се согласила да прифати работа во ученички дом, за да успее да земе до 14.000 денари. За да стигне до работата, возела 50 километри и сама си го плаќала горивото. Имало денови кога со сопругот го собирале последниот денар за да може да стигне на работа. Иако била вработена, по толку години неправди таа решила да си даде отказ.


Фото: Архива

Секој ден по 50 километри во еден правец

Величковска живее во Крива Паланка. Таа дипломирала класични студии на Филозофскиот факултет во Скопје пред речиси 16 години. По дипломирањето почнала да работи како наставник по латински јазик во единственото средно училиште во помал град во Македонија. Секој ден патувала по педесетина километри во еден правец. Вели дека било скок во непознато, но имала голем ентузијазам и желба да го работи тоа што најмногу го сака.
- Учениците ме прифатија, многу ми недостигаат тие, млади, амбициозни и позитивни личности. Работата со нив беше благодат, а часот нешто посебно. Задачата на професорите не е едноставна – како ќе ја учиме младината, во тоа и ќе прерасне. Ако ги учиме на вредности и доблести, ќе бидат чесни луѓе - раскажува Величковска.

Со предмети што генерално не се учат во сите четири години од средното образование, проблемите со иселувањето од малите градови и сè помалиот број ученици и класови, Величковска добила решение за постојан работен однос, но не и полн фонд на часови.

- Да имаше некоја поголема генерација, ќе имав и некој час повеќе. Со десет часа можeв да остварам само половина работно време. Пред отказот имав само 8 часа и 9.000 денари плата. Претходно имав три години часови и во деветолетката и тоа беше целото работно време во мојата кариера како наставник. Се прашував - зарем јас толку вредам, мојата работа толку ли е безначајна – раскажува Величковска.

Мобинг од колегите

Преку проектни активности можела да добие и повеќе ангажмани, но не сакала никого да моли, никому да се умилкува. Сметала дека ако се покаже како добар работник, ќе биде наградена со повеќе ангажмани. Но, како што се менувале директорите, се менувале и пријателствата меѓу раководството и кадарот. Само што добила дополнителни ангажмани од една директорка, за кратко време и таа била сменета, а нејзе ѝ биле укинати часовите и дадени на други колеги. Новото раководство ѝ понудило дежурства во ученички дом.


- Се согласив. Од дома излегував во шест и пол часот наутро, а се враќав следниот ден во три попладне. За утредента повторно да излезам во шест и пол и да се вратам во десет часот вечерта. Одев со сопствен превоз по педесет километри во еден правец на мој трошок. Дома имав две мали деца кои со душа чекаа да се вратам. Земав 14.000 денари плата, од кои плаќав гориво. Се случуваше да ги земам парите од касичките на децата за да можам да стигнам на работа - раскажува Силвана.

Сево ова го издржувала без проблем додека не се соочила со мобинг од група колеги. Случајот го пријавила кај директорот, но не добила поддршка. Затоа решила да даде отказ.

- Бев жртва на мобинг. Бездушно, психичко малтретирање од неколку колеги. Често вербално ме напаѓаа, подмолно ме вовлекуваа во непријатни ситуации. Работите излегоа од контрола пред да си дадам отказ. Ми се јави колешка за да испита дали сум завршила некоја обврска и ме пуштила на интерфон за да ме слушаат со другите колеги... Тоа ја прелеа чашата. Решив за сè јавно да зборувам. Не ми е целта да ги навредувам лицата што ми приредија невидени стресови во животот, туку да знаат другите што може да им се случува, а да не бидат свесни дека се жртви на мобинг. Мене ми требаше време да сфатам дека ми е вршен мобинг, кој за жал многу го има во државата - вели Силвана.

Вели дека не се обидела да го пријави случајот во ниту една надлежна институција бидејќи не се смета за конфликтна личност и сака работите да ги решава на смирен начин.
- Сакав да се разбереме како луѓе, достојно.

За што учев?!

Величковска денес работи во спортска обложувачница во Крива Паланка. Вели дека вообичаено луѓето ја напуштаат професијата што ја сакаат за подобро платена работа или за да напредуваат во кариерата.

- Работата не е лоша, ми беше и сè уште ми е предизвик. Но секогаш се прашувам, зарем учев и завршив и научна и наставна насока за да работам нешто друго?! Зарем 15 години работно искуство треба да бидат фрлени во вода? Не се жалам бидејќи имам работа и сѐ додека сум способна, ќе работам што било, но моите деца ги воспитувам да си ја гледаат иднината надвор од оваа држава - вели Силвана.

Она што особено ѝ недостига се нејзините ученици.
- Посебно задоволство ми причинува кога ќе ги сретнам, ќе си поразговараме и сфаќам дека јас за нив секогаш ќе бидам наставничката по латински јазик, а тие за мене - гордост дека сум имала еден процент удел во нивното воспитание и образование - вели Силвана.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема