Во Србија има епидемија на морбили и од компликациите предизвикани од морбилите, според официјалните податоци, досега починале 12 лица, меѓу кои и четиригодишно дете од Врањска Бања, кое почина во болницата во Ниш, а не беше вакцинирано. Со оглед на трендот кој владее во регионот, а кој зема сѐ повеќе жртви, една жена од Белград со име Снежана Пантовиќ, која неодамна ги прележала морбилите, реши преку „Фејсбук“ да им се обрати на сите кои се против вакцинирањето. Еве што напиша таа:
„Би сакала сите оние херои на новомодерната европска Србија, кои не ги вакцинирале своите деца, на само еден ден без последици да доживеат што значи да се заболи од тешката и мрачна болест наречена мали сипаници или морбили. Седум дена температура која не може да се симне под 38,7 и оди до 39,4... Страшно левитирање меѓу јавето и кошмарите, некои чудни, внатрешни препотувања, немање сила да се стави в уста што и да е, огромни атфи на јазикот, оловен вкус, неможност да голташ, беспомошност... ужасни, неиздржливи болки во мускулите и коските... Страшна болка во очите и тоа таква што мислев дека очите ќе ми паднат од главата... Мрачни кошмари, многу отежнато дишење... Мислам дека одев по работ и дека гледав како болеста ми ја мачи душата пред заминување на оној свет...
Страшно бев исплашена, а тоа не смеев да го покажам поради децата! Инаку, здрава сум како дрен и болеста ќе помине без последици. А веќе починаа 11 лица: имаа 21, 32, 42 години... Детето од две години засекогаш ќе остане билка по оваа болест, две лица добија воспаление на мозокот, повеќе од 400 воспаление на белите дробови..., во Ниш почина двегодишниот Јаков, од компликации и верувам дека неговите родители сериозно зажалиле затоа што намерно не го вакцинирале своето дете... Почина и 21-годишна трудница... вработена во Институтот за ревматологија... четиригодишно дете од Врањска Бања...
Во Ургентниот центар при Клиничкиот центар на Србија во Белград со морбили се заразени 15 вработени: лекари, медицински техничари и чистачки. Можеби би биле живи овие 11 млади и деца ако некои родители беа совесни кон сопствените деца заштитувајќи ги од тешките болести со вакцинирање, со што би биле одговорни и кон колективниот имунитет на сопствениот народ, а особено кон луѓето чие здравје е начнато, а потоа малите сипаници засекогаш ги однеле во светот на темнината...
Апсолутно е недозволиво некој да умре од болест за која постои вакцина. И тоа болест на 19 век... Ало, мозоци... Минатата година во Ниш се вакцинирани 40 отсто, во Белград 50 отсто од децата... Следниот чекор мора да го преземе државата. Кога моето дете беше мало живеев во Виена, во Австрија. Доколку во закажаниот термин не го одведете бебето на вакцинирање, утредента на врата ви доаѓа социјална служба со полиција, го земаат бебето и го носат на вакцинирање, а вие плаќате страшни казни. Ете решение!“
Според последните податоци, од октомври вкупно 3.123 државјани на Србија заболеле од морбили, од кои во 1.581 случај болеста е лабораториски потврдена. Дури 94 отсто од заболените не биле вакцинирани, нецелосно вакцинирани или со непознат статус на вакцинирање.