Анастасија, која е второ одделение, и Јован, кој е прва година гимназија, или седмо одделение по наше, посетуваат настава во училиштето „Паскал“ во Никозија, Кипар. А успешно и со посетување на наставата ја завршија и минатата учебна година. Во оваа држава граѓаните се многу дисциплинирани кога станува збор за мерките за заштита од коронавирусот, а таква е и сликата во училиштата. Од почетокот на пандемијата таму има околу 2.100 заболени. Кипар има околу 1,2 милион жители.
Бидејќи е во основно училиште, Анастасија не носи маска. Во клупа седи по еден ученик. Одморите им се одржуваат на отворено. Родителите не смеат да влегуваат во училиштето. Има прецизно определено место за земање и оставање на децата. Сите вработени и наставниците задолжително носат маски. Марија Балевска, која со семејството живее на Кипар, вели дека за разлика од кај нас, таму сите беспрекорно се придржуваат до мерките, ги почитуваат, без разлика дали се деца, родители, наставници или останати вработени.