X
 10.11.2023 Живот

ДСЗИ: Затворени кујните во шест училишта во Карпош

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), по вонредниот инспекциски надзор поради појава на салмонела, ги затвори училишните кујни на училиштата „Војдан Чернодрински“, „Јан Амос Коменски“, „Братство“ и „Христијан Тодоровски - Карпош“, како и централниот магацин од каде што се дистрибуираат прехранбените продукти. 

Забраната за работа на училишните кујни ќе важи до отстранување на наложените санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки.

- Заклучно со вчера, според добиениот податок од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје, пријавени се вкупно 12 ученици со симптоми - стомачни тегоби и покачена телесна температура со докажан причинител - бактерија салмонела. Од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со решение, времено се затворени кујните во сите шест посетени основни училишта, како и централниот магацин од каде што се дистрибуираат прехранбените продукти - се наведува во соопштението.

Забраната за работа на училишните кујни ќе важи до отстранување на наложените санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки, што опфаќаат генерално механичко чистење на просторот и опремата, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена установа, како и до добивање негативни резултати од земените брисеви од работните површини и опремата.

- Вонредниот инспекциски надзор е извршен во соработка со Агенција за храна и ветеринарство, ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје и ЈЗУ Институт за јавно здравје. Согласно надлежностите на ДСЗИ, земени се брисеви од работни површини и опрема, како и брисеви од жива средина - брис од грло и нос и копрокултура на вработени лица во посетените објекти, а од страна на АХВ примероци од храна од централниот магацин и кујните - се истакнува во соопштението на ДСЗИ.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот