X
 15.10.2020 Здравје

Постојано сте пред компјутер? Почитувајте го правило 20-20-20 против замор на очите, предлог од д-р Снежана Божиновска

Ова правило овозможува враќање на очите во нивната природна положба и им помага да го зачуваат соодветниот број на трепкања

Проблемот со замор на очите е проблем на светско ниво и сè почесто станува актуелен во детската возраст, но достигнува значителен пораст како резултат на ефектите на светската пандемија во која моментално живееме. На многумина работата им е преселена од работното место во домовите, учениците имаат онлајн-настава и поминуваат значително време пред екраните, а сè повеќе работи за кои порано избиравме да излеземе од дома сега ги завршуваме на интернет.
Д-р Снежана Божиновска, офталмолог, објаснува дека во моментов не постои фармаколошки лек со кој ќе се спречи заморот на очите и дека најдобар начин тој да се превенира е да се следи правилото 20-20-20.

Како се применува?

- Ова правило е фокусирано на правење пауза од 20 секунди и гледање во објект кој е оддалечен 20 стапки (или 6 метри) на секои 20 минути. Ова правило овозможува враќање на очите во нивната природна положба и им помага да го зачуваат соодветниот број на трепкања. Покрај придржувањето на ова правило, важно е и да се приспособува светлината на екранот со светлината во собата, како и да се стимулираат децата да станат од столчето, да го исправат грбот и да ги истегнат главните мускулни групи за да се избегне тензија во телото и замор. Од голема важност е и детето да има удобно столче и соодветно растојание од екранот - објаснува д-р Божиновска.


Д-р Снежана Божиновска, офталмолог

Кога Ковид-19 ги затвори училниците и училиштата станаа виртуелни и се префрлија на настава на далечина, децата-ученици не останаа имуни на заморот и сувите очи предизвикани од постојаното концентрирано гледање во екраните на компјутерите, таблетите и мобилните телефони.

- Добрата вест е што заморот на очите сам по себе повеќе е симптом отколку патолошка состојба. Сепак, во никој случај овој симптом не треба да се игнорира - вели докторката.

Најчести причини за замор на очите


Најчести причини за замор на очите се:

-Гледање во дигитален екран долг период без пауза за одмор на очите,
-Активности кои вклучуваат продолжено фокусирање на погледот во екранот,
-Предолга изложеност на јака светлина и отсјај од екраните,
-Напрегање при гледање во простории со придушено светло,
-Многу сув воздух предизвикан од клима-уреди,
-Постоење на недијагностициран проблем со очите или некоригиран вид.
Подготвил: Н.Б.З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје