X
 29.05.2020 Живот

Психолозите советуваат како да го намалите уморот од онлајн-состаноците

Користењето на „Зум“, „Скајп“, „Гугл Хенгаутс“ и останатите платформи за видео разговори им станаа секојдневие на многумина за време на пандемијата. Овие состаноци може да бидат напорни и повеќе да уморат отколку разговорот во живот. Некои експерти тоа го нарекуваат „Зум-умор“.

Мозокот донесува заклучоци за многу ситуации

врз основа на визуелни показатели кои му покажуваат дали на некој му е здодевно, дали некој се подготвува да зборува итн. За време на видео разговорите, не е толку лесно да се „прочита“ нечија реакција или чувство како во живо. Едноставно кажано, мозокот нема доволно визуелни показатели за да донесе заклучок за време на видео-разговорите.



Фото: Pixabay

Дополнително, некои луѓе зборуваат со исклучени камери а некогаш има и технички проблеми кои ја отежнуваат комуникацијата. Прити Ша, психолог, вели дека сите овие фактори прават мозокот да размислува свесно за некои нешта кои обично ги прави несвесно, односно автоматски. Освен тоа, во реалноста не се гледате себеси, додека во видео разговорите се гледате на камерата и тоа ве принудува да размислувате и за вашиот изглед.

Додадете ги децата, известувањата кои се појавуваат на екранот за време на разговорите, животните или бучавата од соседите и разбирате зошто сте толку изморени по разговорите.

Психолозите советуваат да ги направите видео-разговорите интерактивни со тоа што секој ќе учествува во нив наместо да слушате само еден човек кој зборува за нешто половина час. Тоа ќе го направи разговорот поинтересен и ќе заборавите на другите работи, како вашиот изглед на камерата и слично.



Фото: Pixabay

Секако, би можеле и да ги откажете ги сите разговори кои не се потребни. Доколку нешто може да биде кажано преку електронска пошта, направете го тоа наместо да организирате состанок. Дури и телефонскиот повик е поедноставен од видео состанокот.

Доколку навистина мора да имате видео разговор, тој нека биде пократок и нека има паузи. Се препорачува и одвојување на работниот простор од домашниот простор, доколку е возможно. Уредете си маса која ќе ја користите само за работа, а столчето нека биде удобно.

На секоја пауза, станете и движете се. Тоа ќе му помогне на мозокот да одмори. Намалете ги непотребните разговори со колегите бидејќи тие само ќе ви го тргнат вниманието од она што е важно и ќе го зголемат уморот. Конечно, експертите советуваат да бидете опуштени. Дури и доколку не изгледате совршено или не сте разбрале нешто, не е крајот на светот. Тоа е дел од процесот.

Автор: Соња Свинк
Извор: theladders.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот