X
 15.10.2021 Образование

Да се намали школарината за студентите од еднородителски семејства, бараат од организацијата „Една може“

Во овој момент секој факултет поединечно си решава на кој студент ќе му излезе во пресрет и ќе му ја намали школарината, тоа е оставено на добрата волја на факултетското раководство, велат од организацијата

Да се намали за половина сумата за партиципација што студентите ја плаќаат на јавните универзитети во државата, а кои се деца на самохрани родители или се од еднородителски семејства, бараат од организацијата „Една може - млади“ („One Can – Youth“), во која членуваат околу 200 студенти од вакви семејства. Иницијативата, која е веќе доставена до Владата на разгледување, потекнала откако група студенти увиделе дека во Законот за високо образование не е вметнат Правилникот за студенти за кои родителското право го врши само еден родител.

- Кога го увидовме тоа, се обративме до Универзитетско собрание при УКИМ и до студентската правобранителка. По разговори со студентски претставници и Ректоратот, добивме повратни информации дека Ректоратот на УКИМ ќе одржи ректорска седница со факултетите, со ветување дека ќе се почитува стариот правилник кој важел со претходниот закон за високо образование. Истата седница се одржа на 21 септември. Во овој момент секој факултет поединечно си решава кому ќе му излезе во пресрет и тоа е оставено на факултетското раководство, со оглед на критериумите според правилникот - вели Станиша Станковиќ, студент на УКИМ, дете на самохран родител и заменик-претседател на „Уан кен – Јут“.

Тој потенцира дека правно проблемот не е решен, па затоа бараат правилата да влезат во Законот за високо образование и да важат за сите државни универзитети во државата и да бидат опфатени студентите од сите еднородителски и самохрани семејства.

Иницијативата е заеднички изработена и поднесена од оваа организација и од македонското Здружение на млади правници, а за неа има позитивни реакции од студентски организации и правобранители. Доставена е до Владата, од каде што веќе ја доставиле до надлежните министерства – Министерството за образование и наука, Министерството за правда и Министерството за труд и социјална политика.

- Кај нас сѐ уште не е дефинирано што е еднородителско семејство. Во законот е регулирано само самохрано семејство, кое всушност е семејство во кое едниот родител е починат, непознат или исчезнат. Затоа би требало сите три министерства да се усогласат во однос на овој проблем, кој очекуваме да се реши – вели Станковиќ.

Во врска со оваа иницијатива Факултети.мк се обрати за став до Министерството за образование и наука, но не добивме одговор.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование