И луѓето што никогаш не се качиле во авион и оние што многу пати патувале со авион знаат како изгледаат стјуардесите. Сите сме ги гледале во филмовите и на социјалните медиуми, па знаеме каква облека носат и каков имиџ имаат. Речиси сите стјуардеси, без оглед на авиокомпанијата, носат дводелен костим со тесно сако и кратко здолниште. Често имаат марама околу вратот и капа, а носат високи потпетици.
Униформите на стјуардесите постојано се критикувани дека се непријатни и сексуализирани. Не се безбедни за носење во авиони бидејќи понекогаш се случуваат несреќи и во вонредна состојба високите потпетици и тесните здолништа дефинитивно се пречка.
Старите униформи на стјуардесите од „Скајап“
Затоа, украинската авиокомпанија „Скајап“ одлучи да биде меѓу првите што ќе го променат имиџот на стјуардесите и ќе дизајнираат униформа која и понатаму ќе биде дводелен костим, но здолништето ќе биде заменето со широки панталони, а потпетиците со патики.
Иако авиокомпанијата е релативно млада, не се плаши да се ослободи од класичната слика на женски стјуардеси.
Новите униформи
- Униформата ја отелотворува идејата за движење. Формата е создадена за активни, храбри - оние што го ценат стилот, реагираат брзо, балансирано, прифаќаат предизвици и наоѓаат излез од секоја ситуација. Оваа облека е за оние што се отворени за нови работи, за оние што ги сакаат патувањата и животот - пишуваат од авиокомпанијата.
Новата униформа се состои од сако во светлопортокалова боја, панталони со висок струк, патики „најки“ и марама на рамото.
Стјуардесите ќе почнат да ја носат новата униформа на 22 октомври 2021 година, а таа е дело на украинскиот бренд ГУДУ, кој преку портокаловиот костим сакаше да ја отслика главната боја на авиокомпанијата.
Маријана Григораш, раководителка на одделот за маркетинг на „Скајап“, вели дека сега времињата се променети, жените се променети, па за разлика од конзервативните класици, потпетиците, црвениот кармин и пунџата, сега има нова, помодерна и поудобна слика за шампионите. Слобода, природна убавина, индивидуалност за секој што би сакал да лета, вели таа.
Извор:
Bored Panda
Фото: Sky up