X
 22.05.2026 Живот

Европа бележи експлозија на гонореја и сифилис, расте дури и бројот на заразени бебиња

Европскиот центар за спречување и контрола на болести објави дека во 2024 година случаите на гонореја и сифилис ги достигнале највисоките нивоа откако се води евиденција, предупреди Европскиот центар за спречување и контрола на болести (ЕЦДЦ).

Според најновите податоци, во текот на 2024 година во Европа се забележани повеќе од 106 илјади случаи на гонореја. Тоа претставува раст од 4,3 отсто во споредба со претходната година и зголемување поголемо од 300 отсто во споредба со 2014 година.

Станува збор за највисоката стапка на гонореја откако ЕЦДЦ почна да ги следи сексуално преносливите инфекции во 2009 година. Ни податоците за другите инфекции не се охрабрувачки. Во текот на 2024 година се пријавени речиси 46 илјади случаи на сифилис, што е за 8 отсто повеќе отколку една година претходно и повеќе од двојно во однос на 2015 година.

Конгенитален сифилис – голем проблем


Бруно Чанчо, експерт на ЕЦДЦ за заразни болести и болести што можат да се спречат со вакцини, предупреди дека нелекуваните сексуално преносливи инфекции можат да предизвикаат сериозни здравствени компликации.

- Нелекуваните инфекции можат да предизвикаат хронична болка и неплодност, а сифилисот може да доведе и до проблеми со срцето или нервниот систем - изјави Чанчо.

Во последните десет години европските здравствени институции се обидуваат да ги стават под контрола сексуално преносливите болести, но бројот на случаи продолжува да расте. Експертите сметаат дека причините се делумно поврзани со подоброто тестирање и поквалитетното следење на болеста, но и со промените во сексуалното однесување, особено кај младите кои поретко користат кондоми и почесто влегуваат во ризични односи.

Податоците покажуваат и дека повеќе од половина од сите случаи на гонореја и сифилис отпаѓаат на мажи кои имаат сексуални односи со мажи. Посебна загриженост предизвикува растот на случаите на конгенитален сифилис, однсоно пренос на инфекцијата од заразена трудница на детето во текот на бременоста или породувањето.

Кламидијата и понатаму на прво место

Нелекуваниот сифилис кај трудниците може да предизвика спонтан абортус, предвремено породување или смрт на новороденчето. Отилија Морд, научна соработничка на ЕЦДЦ за ХИВ, сексуално преносливи инфекции и вирусни хепатити, изјави дека токму порастот на конгениталниот сифилис е еден од особено загрижувачките наоди во извештајот за 2024 година.

Бројот на вакви случаи речиси се удвои за само една година, од 78 случаи во текот на 2023 година на 140 случаи во текот на 2024 година, што е највисокото забележано ниво откако ЕЦДЦ ги следи овие инфекции. Кламидијата и понатаму е најчеста сексуално пренослива инфекција во Европа, но нејзиниот број покажува благ пад.

Во текот на 2024 година потврдени се повеќе од 213 илјади случаи, додека претходната година имало речиси 231 илјада. ЕЦДЦ предупредува дека итно се потребни мерки за да се спречи понатамошното ширење на сексуално преносливите болести. Без одлучна реакција, предупредуваат експертите, сегашните трендови би можеле да продолжат, со сè посериозни здравствени последици.

Извор: telegram
Фото:  magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот