Американскиот писател Стивен Кинг во текот на долгогодишната кариера има напишано 60 романи продадени во повеќе од 350 милиони примероци.
Најплодниот писател на сите времиња е автор на популарни хорор-романи, научнофантастични романи според кои се направени одлични филмови, мини-серии и стрипови.
Во кината е премиерата на романот „Доктор Сон“, долгоочекуваното продолжение на „Сјаење“. „Доктор Сон“, односно момчето Дени Торенс од „Сјаење“, во новата екранизација на романот на Кинг е возрасен човек кој страда од истите демони, алкохолизам и насилство, што го опседнале неговиот татко. 40 години по неговата застрашувачка посета на хотелот „Оверлук“, Дени сè уште е трауматизиран, но почнува да ја користи својата дарба за да комуницира со починатите во локалниот болнички центар. Неговата приказна доживува пресврт откако ќе запознае млада девојка која има исто таква моќ. Сценарист на филмот е Мајк Фланаган, а се враќаат и близначките од „Сјаење“.
За потсетување, адаптацијата на Кјубрик на „Сјаење“ беше прикажана пред 40 години. Филмот го следи алкохоличарот и писател Џек Торенс, кој го глуми Џек Николсон. Заедно со сопругата и синот Дени се преселуваат во затворениот хотел за Џек да го заврши романот. Момчето Дени, кое има парапсихолошки способности и неговиот насилен татко Џек почнуваат да се соочуваат со зли духови што ги прогонуваат ходниците на хотелот и собата 237.
Сите филмови на Кјубрик имаат сцена во бања, но само „Сјаење“ ја има собата 237. Многу филмови имаат свои провокативни интерпретации, но ниедна како „Сјаење“ на Стенли Кјубрик. Водечката теорија за кодовите е и таа дека „Сјаење“ го претставува признанието на Кјубрик за неговата помош на владата на САД во креирање телевизиски пренос за лажно слетување на „Аполо 11“ на Месечината.
Првиот филм некогаш направен според роман на Кинг бил режиран во 1976 година од Брајан де Палма. Кинг тогаш имал 26 години и откупот на правата на филмот му донел само 2.500 долари. Сиси Спејсек ја глумеше проблематичната девојка Кери, која им се одмаздува на нејзините насилни врсници со помош на телекинетичките способности. Филмот веднаш стана хит, а сите се сеќаваат на сцените под туш и крвавото финале.
Според експертите, „Бегство од Шошенк“ со седум номинации за „Оскар“ е еден од најдобрите филмови на сите времиња, направен според романот на Кинг од 1982 година. Филмот ја раскажува приказната за банкар осуден на две доживотни казни, но кој станува важен фактор во затворската хиерархија по неговото пријателство со затворски шверцер. Затворениците маестрално ги одглумија Тим Робинс и Морган Фримен, а филмот е во режија на Френк Дарабонт.
Френк Дарабонт режира друга затворска драма мотивирана од пенкалото на Стивен Кинг, во која глумат Том Хенкс и Мишел Кларк Данкан. Приказната ја донесува Пол Еџкомб, чувар во затворот, во одделение за смртна казна. Во затворот се појавува човек со натпросечна градба, висина и тежина, осуден за убиство и силување на две девојчиња. Неговите натприродни способности ќе влијаат врз животите на чуварите на затворот и директорот.
„Гробишта за домашни миленици“ е екранизација на романот на хорор-мајсторот за кој напишал и сценарио. Во оваа приказна домашните миленици и луѓето оживуваат по смртта. Семејството Крид се вселува во мало место каде што фреквентната улица пред нивната куќа е причина за смрт на многу домашни миленичиња, каде што ќе настрада и нивната мачка Краш.
Приказната за група злоупотребени момчиња кои се собираат кога ќе почне да ги прогонува демонот кој се трансформира во кловн доживеа екранизација во вид на мини-серија во 2017 година.