До 2050 година светот ќе има една валута, истополовите односи повеќе нема да бидат табу, на Арктикот ќе нема мраз, роботите ќе имаат емоции како и луѓето, ќе се појават нови религии, а бебињата ќе добијат идентификациски чипови, предвидуваат футуролозите.
Сите што ги интересира како ќе изгледа иднината за 10, 20 или 30 години, на интерактивната веб-страница на компанијата „Касперски лаб“ може да истражуваат различни предвидувања на тема како ќе изгледа светот. Станува збор за интерактивниот проект „Земја 2050“ - футуролозите, научниците и корисниците на интернет од сите краеви на светот ја предвидуваат иднината.
До 2033 година 47 отсто од професиите на луѓето би можеле да бидат преземени од роботите. Роботизацијата ќе влијае врз економијата на сите нивоа, а луѓето ќе бидат ослободени од најтешките, монотони задачи.
Едно од предвидувањата е дека егзоскелетите ќе ги зголемат физичките способности на луѓето, луѓето со инвалидитет ќе можат да се движат без помош на инвалидските колички итн.
Фото: Depositphotos
До 2050 година ќе се појави првата општа глобална вештачка интелигенција. Напредокот во сферата на квантните компјутери ќе им овозможи на роботите целосно да го реконструираат светот и да имаат емоции, амбиции, мотивација и логика.
До средината на векот ќе напредува способноста на помнење сè, а неверојатната брзина за учење нови работи ќе стане вообичаена. Децата ќе имаат најнови импланти за зголемување на меморијата кои ќе им помагаат во учењето.
Ќе се лекува губењето на помнењето и оштетувањето на мозокот поради повреда на главата.
Се предвидува дека до 2050 година светот ќе има само една валута, а на луѓето ќе им требаат идентификациски чипови за да ја користат. На сите ќе им биде доделен имплант уште при раѓање. Без чип нема да може да се купува или продава.
Фото: Depositphotos
Постојат предвидувања дека ќе дојде до ширење на нови религии. Глобалното загревање ќе продолжи и Северниот Пол толку ќе се стопи, што во текот на летото на Арктикот речиси ќе нема мраз. Тоа ќе отвори можности за пловење на воени и трговски бродови, па дури и градење одморалишта.
До 2050 година во западните општества истополовата љубов и сексуалност ќе бидат распространети и прифатени. Табуата околу истополовите односи ќе исчезне, па многу луѓе ќе имаат такви релации, макар и само привремено или експериментално.