Бесплатната „A1 Academy“, спроведена и иницирана од А1 Македонија, нуди ексклузивна можност за сите млади луѓе на возраст од 18 до 25 години кои сакаат да стекнат нови вештини и да научат како да ги применуваат AI алатките за анализа на податоци во бизнис-процеси, како и да се запознаат со најновите AI технологии што водат кон успешно управување со нивната професионална кариера.
Александар Качаковски, менаџер за дигитална трансформација, еден од предавачите на „A1 Academy“, што започнува на 26 ноември, ни открива повеќе за новиот модул.
Зошто вештачката интелигенција е важна за современите бизниси и какви предности им носи на компаниите?
Како што во скорешното минато компаниите имаа избор да се трансформираат во дигитални компании, и многу научни трудови укажуваа на бизнис-примери за компании што пропаѓаа поради технолошката неадаптибилност, сега истото се случува со вештачката интелигенција. Компаниите мораат да се трансформираат кон имплементација на вештачката интелигенција во своите бизнис-процеси.
Задачите што ги добиваат вработените, со помош на генеративната вештачка интелигенција, ги извршуваат многу побрзо и поефикасно, помагајќи им да создадат повеќе иновативни производи и решенија. Не сме далеку од моментот каде што роботите ќе ги опслужуваат корисниците. Маркетингот и компаниската комуникација достигнаа максимална персонализација со помош на вештачката интелигенција.
Вештачката интелигенција не е само алатка, туку и соработник на луѓето и на компаниите, таа им помага на бизнисите да предвидат пазарни трендови, да го подобрат корисничкото искуство и да создадат иновативни производи и услуги.
Што претставува новиот модул „Вештачка интелигенција во бизнисот – AI in Business“ и кои се клучните теми што учесниците ќе ги проучуваат?
Со новиот модул што за првпат го претставуваме во А1 Академијата, „Вештачка интелигенција во бизнисот“, би сакале подлабоко да ги запознаеме слушателите со вештачката интелигенција, и тоа од основата, преку имплементација во бизнисот, па сè до роботиката, генеративната вештачка интелигенција и квантум компјутерите. Овој модул е дизајниран да им овозможи на учесниците да стекнат практични знаења и вештини, кои ќе им помогнат да ги применат концептите на вештачка интелигенција во своите бизниси или работни места.
Почнуваме со основите на машинското учење и архитектурите на длабокото учење (deep learning), разгледувајќи како вештачката интелигенција ги менува компаниите внатрешно организациски и надворешно во начинот на водење на бизнисот. Преку интерактивни предавања, студии на случаи и практични вежби, ќе ги истражиме најновите трендови и технологии во областа на AI.
Ќе завршиме со AI алгоритми, кои се во секојдневна употреба во водењето бизнис, специјализирани AI алгоритми за одредени бизнис-сектори, поткрепени со бизнис-примери. Се разбира, како клучен момент ќе ги опфатиме и етиката и законските права/обврски за користењето на вештачката интелигенција. Целта е да се подготват учесниците за предизвиците и за можностите што ги носи дигиталната трансформација водена од вештачката интелигенција.
Како експерт во областа и како еден од предавачите на „A1 Academy“, како го гледаш развојот на вештачката интелигенција? Дали сметаш дека ќе има уште поголемо влијание врз различни индустрии?
Веќе сме сведоци на тоа како вештачката интелигенција го менува нашиот начин на живот. Да почнеме со најистакнатите примери: ChatGPT е една од најкористените алатки денес, која овозможува интеракција со напредни јазични модели. Автономните автомобили на „Тесла“ претставуваат револуција во транспортната индустрија, овозможувајќи побезбедно и поефикасно патување. Интелигентните уреди (IoT-уреди) ни овозможуваат поврзување и автоматизација на нашите домови и работни места. Персонализираните пораки и содржини креирани од вештачката интелигенција, со помош на насоките од човекот, стануваат сè поприсутни во маркетингот и во комуникациите.
Сметам дека влијанието на вештачката интелигенција врз различни индустрии ќе продолжи да расте. Таа не само што ќе ги трансформира постојните процеси, туку и ќе отвори нови можности за иновации и развој. Индустрии како здравството, финансискиот сектор, производството и образованието ќе бидат значително засегнати, подобрувајќи ја ефикасноста, прецизноста и персонализацијата на услугите.
Какви вештини и знаења ќе стекнат учесниците на Академијата и како ќе можат да ги применат во професионалниот развој?
Учесниците на Академијата ќе се запознаат со вештачката интелигенција и со нејзините основи, вклучувајќи машинско учење, длабоко учење, обработка на „природен јазик“ (natural language) и компјутерска визија. Тие ќе научат како вештачката интелигенција е создадена, кои се нејзините можности и како се применува во различни бизнис-индустрии.
Покрај техничките аспекти, учесниците ќе се запознаат со етичките и со правните регулативи поврзани со користењето на вештачката интелигенција.
Со овој модул, Академијата има за цел да го продлабочи знаењето на учесниците и да ги мотивира да ги прошират своите хоризонти и да се усовршуваат во согласност со идните светски трендови. Стекнатите вештини и знаења ќе им овозможат да ги применат концептите на вештачката интелигенција во својот професионален развој, да воведат иновации во своите организации и да станат високо конкурентни на пазарот на трудот. Тие ќе бидат подготвени да работат колаборативно со технологиите што ги нуди вештачката интелигенција, подобрувајќи ја продуктивноста и ефикасноста во различни индустрии.
Зошто младите треба да се пријават на „A1 Academy“? Што е тоа што ја прави оваа академија уникатна?
Младите треба да се пријават на „A1 Academy“ затоа што нуди единствена можност да стекнат современи знаења и вештини во областа на вештачката интелигенција, која е една од највлијателните технологии на денешницата.
Она што ја прави „A1 Academy“ уникатна е нејзиниот сеопфатен пристап, кој го комбинира теоретското знаење со практичната примена во различни индустрии.
Дополнително, Академијата посветува внимание на етичките, на правните и на општествените аспекти на ВИ, подготвувајќи ги учесниците не само да ја користат технологијата, туку и да го разберат нејзиното влијание врз општеството.
Со учество во „A1 Academy“, младите ќе бидат подготвени да се соочат со идните професионални предизвици, да иновираат во своите области и да придонесат кон дигиталната AI трансформација. Академијата им овозможува да станат дел од заедница што е носител на сегашните и на идните технолошките промени, правејќи ја нивната кариера динамична и полна со можности.
Што ќе им препорачаш на младите што размислуваат да се запишат на Академијата?
Ако размислувате да се запишете на Академијата, запомнете ги зборовите на Стив Џобс: „Останете гладни, останете будали“ („Stay hungry, stay foolish“). Оваа изрека ве поттикнува да бидете постојано љубопитни и отворени за нови искуства и знаења.
Вештачката интелигенција е област што брзо се развива и има потенцијал да го промени светот. Академијата ви нуди уникатна можност да се вклучите во оваа возбудлива сфера, да учите од експерти и да ги развиете вештините што ќе ве издвојат на пазарот на трудот.
Не плашете се да излезете од вашата комфорна зона. Како што Стив Џобс кажал, иновацијата ги разликува лидерите од следбениците.