X
 15.12.2016 Живот

Која е вистинската работа за мене?

Која е вистинската работа за мене? Кога сме деца, воглавно имаме подготвени одговори - стујардеса, доктор, астронаут, манекенка или можеби следниот Новаќ Ѓоковиќ, Бил Гејтс... Не е тешко да го замислиме богатството во кое ќе живееме, прекрасните места на кои ќе патуваме, убавата кола која ќе ја возиме.


Но, како што поминува времето и како што ќе поминуваат деновите после пријавувањето во Агенцијата за вработување, интересите ни се различни и на светот гледаме малку посериозно.

Да се пронајде вистинската работа знае да биде сложено, но не и невозможно. Затоа, убаво е да издвоите време за интроспекција. Вложете труд и енергија, но немојте да се мачите себеси или луѓето околу вас со негативност. Многу луѓе поминуваат тежок период на невработеност, додека бараат работа. Во мрачното расположение („нема работа“, „секогаш примаат некој со врски“, „никој не ми се јавува, а испратив CV милион пати“), избегнувајте по секоја цена работите да ги гледате црно. Затоа, најдобро е ако можете, да ги преиспитате вашите желби и интереси на крајот на студирањето, пред да дојдете во ситуација да барате работа.

Во што уживате?

Што е она што лично ве интересира? Во што уживате? Кои вештини ги поседувате? Дали уживате во друштво на други луѓе и дали сте оптимист? Дачи повеќе сакате да работите сами, рачно да ги извршувате работите и дали гледате како вашата идеја станува реалност? Исто така, не треба да ги заборавате родителите - голем број луѓе се покајале што не ги послушале нив. Прашајте ги и запишете во кои професии ве гледаат. Истата постапка повторете ја и со колегите и професорите. Разговарајте со блиски пријатели. Прашајте ги што тие мислат и заедно разгледајте ги вашите интереси, знаења и вештини. Размислувајте за работата како инвестиција која треба да се исплати. Парите секогаш се последица, а никогаш самата цел.

Кои се најбарани професии?


Распрашајте се кои професии се дефицитарни на пазарот, а кои ги има премногу. Доколку сте при крај на студиите, ова може да ви помогне да го пронајдете полето на интерес, и навреме да ја зграпчите можноста. Издвоите време за анализа на пазарот и трендовите, и проверете каде најдобро се вклопувате. Ова не е тешко: сега, во онлајн светот сите информации ви се на дофат на рака. Бидете аналитични и љубопитни - ќе се исплати. Со тоа, пробајте да запознаете некој кој веќе се занимава со тоа и стекнете поблизок увид.

Држете ги очите и ушите отворени: можеби случајно ќе ви се отвори некоја врата за работа за која не ви паднала на памет, а би можеле да ја работите.

Мислете долгорочно

Никогаш, апсолутно никогаш немојте да лажете во вашето CV. Гледајте да го прилагодите за позицијата за која аплицирате и водете записник за тоа каде и за која позиција сте аплицирале, за ако ве викнат на интервју да можете соодветно да се подготвите. Имајте ги во предвид вашите краткорочни и долгорочни цели - ако мислите само на кратки стази, на долгите стази може да се случи да страдате. Бидете спремни дека првата работа можеби нема да ви биде работата од соништата, меѓутоа дефинитивно ќе имате можност да научите нешто ново што подоцна ќе ви биде од корист.

Подготовката за интервју за работа е важен детал: побарајте информации за потенцијалниот работодавец, која е мисијата на компанијата, која е нивната визија и кои се производите или услугите. Станете на време, појавете се малку порано, добро облечете се и бидете самоуверени.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот