X
 25.06.2024 Здравје

Хидратација за подобро здравје: кога и колку вода треба да пиеме?

Ако една од нашите цели е да пиеме повеќе вода, на пат сме кон поздраво тело.

- Секоја клетка во нашето тело бара вода. Водата е клучна за дигестивниот систем, срцето, белите дробови и мозокот - вели Сара Кригер, нутриционист во Санкт Петербург, Флорида.

Постојат многу упатства за тоа колку вода треба да пиеме. Кригер вели дека количината на течност што треба да ја внесуваме секој ден, вклучувајќи ја и водата, зависи од нашата телесна тежина. Тоа зависи и од нивото на нашата активност, дали сме на топло, дали сме бремени, доиме или сме болни - сите фактори што бараат да ја зголемиме хидратацијата. Слично на тоа, препораките за внес на вода од националните академии за науки, инженерство и медицина, сугерираат дека мажите треба да пијат најмалку 13 (2,5 дл) чаши течност дневно, а жените 9 чаши или повеќе. Без оглед на тоа која е нашата цел за хидратација, важно е да пиеме вода редовно во текот на денот.

Кога ќе се разбудите, испијте една до две чаши вода

Наместо сонливо да посегнувате по кафето, прво испијте една до две чаши вода. Бидејќи не пиеме додека спиеме, се будиме дехидрирани, објаснува Кригер. Пиењето вода на почетокот на денот може да нè врати „во живот“. Може да ни помогне и ако го пиеме нашиот лек наутро. Дури потоа можеме да се препуштиме на првото утринско кафе. Исто така, добро е што кафето се брои како течност, а иако е пијалак со кофеин кој има тенденција да дехидрира, умерените количини не дехидрираат, според едно истражување. (Сепак, кафето не е замена за вода.)

За регулирање на гладот, чаша вода пред оброк може да помогне


Водата може да игра улога во контролата на тежината, вели Мелиса Митри, регистрирана диететичарка со седиште во Монро, Конектикат.

-Чаша вода пред оброк може да ни помогне да се чувствуваме сити и да спречиме да се прејадеме - вели таа.

Една мала студија од 2018 година покажала дека пиењето вода пред оброк им помогнала на мажите и жените да јадат помалку и да се чувствуваат задоволни.

Може да биде подобро ако водата е ладна. Една мала студија објавена во 2019 година, во која учествувале мажи, покажала дека учесниците што пиеле две чаши ледена вода на 2 Целзиусови степени, јаделе помалку храна во споредба со групите што пиеле топла или млака вода, бидејќи студената температура го забавува варењето и може да помогне во намалувањето на апетитот.

Испијте чаша вода за да ви помогне да го сварите оброкот


Пиењето вода со храна го помага варењето, вели Митри. Особено е важно да се пие вода со храна богата со растителни влакна. Влакната минуваат низ нашиот дигестивен систем и ја апсорбираат водата, помагајќи да се формира столицата и да се обезбеди регуларност. Значи, ако нашата чинија е полна со растителна храна (како што треба!), треба да пиеме вода.

Пијте вода ако имате главоболка

Главоболката може да биде симптом на дехидрација, според Националната фондација за главоболка. Покрај тоа, може да предизвика и напади на мигрена. За оние со мигрена, зголемувањето на внесот на вода може да помогне да се намали сериозноста, зачестеноста и времетраењето на мигрената, според студија објавена во 2020 година.

Хидрирајте се пред, за време и по вежбање


Хидратацијата започнува ден или два пред вежбањето, вели Кригер. Пред тренинг не треба да се полевате со вода со надеж дека ќе се хидрирате бидејќи тоа може да доведе само до непријатно чувство на ситост и надуеност додека се движите. Погрижете се редовно да пиете вода во деновите пред тренингот. Всушност, според Клиниката во Кливленд, треба да се фокусирате на вашата стратегија за хидратација, почнувајќи од неделата пред „трката на издржливост“. И една студија објавена во 2019 година покажала дека ако влеземе во трка на издржливост дехидрирани, дури и во мала мера, тоа може да ги намали перформансите.

- За умерено вежбање (како џогирање надвор, утринско брзо одење или возење велосипед), треба да се препорача чаша вода околу 30 минути пред и пиење вода за време на вежбањето - додава Митри.

Потоа добро хидрирајте се по тренингот за да го замените она што сте го изгубиле преку потта.

Испијте голтка или две вода пред спиење

Не пијте чаша или две вода пред спиење - ќе мора да станете среде ноќ за да одете во тоалет, а тоа ќе ви го наруши сонот. Сепак, можете да ставите чаша вода навечер пред креветот само во случај да ожедните.

-За многу пациенти кои земаат лекови, еден заеднички несакан ефект е сува уста, така што имањето чаша вода при рака може да помогне - вели Кригер.

Како водата да стане наша редовна навика

Треба да знаете колку шишиња вода треба да пиете. Може да биде тешко и заморно да броите чаши, милилитри или децилитри. Поедноставен метод за следење, вели Кригер, е да си кажете дека ќе пиете X број шишиња вода. На пример: треба да го наполните вашето шише од 500 мл четири пати.


Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје