X
 16.01.2016 Образование

Се` уште имаме наставници што си предаваат социјалистички



Од пред неколку години, Законот за основно образование налага дури 30 отсто од наставата да се изведува преку компјутер. Ова се случи откако беа набавени компјутерите за секое дете, а наставниците посетуваа и бројни обуки за работа со компјутери. Но, праксата покажува дека има просветници кои имаат аверзија кон компјутери, а главно тоа се повозрасните наставници, оние кои се пред пензија. Кога на ова ќе се додаде и незаинтересираноста за осовременување на наставата (иако има многу начини), тогаш децата се тие кои губат.

Драстични разлики

На повозрасните колеги, многу им е тешко кога треба е-дневник да пополнуваат. Најчесто некој друг во семејството го прави тоа за нив, или пак, бараат помош од колеги. Тие едноставно се изморени од работата, вели долгогодишен просветник.

- Има драстична разлика меѓу наставници, кога се работи за примената на современи методи на настава. Тоа се гледа и ако споредите некоја наставничка на која училнициата и е целата шарена, преполна со изработки и надгледни средства, со наставничка која има само неколку стари испишани хамери во училницата. Во училиштата има наставници кои не знаат на пример, на Интернет да си побараат некакви текстови, тестови, најразлични идеи за поинтересен да биде часот. Тие не се компјутерски писмени, а сега компјутерски ги следиме сите новини, сите случувања. Па и соработката со родителите ја поставуваме на едно повисоко ниво, ги вклучуваме поинтензивно во процесот на образование. Предметите сега се понови, осовременети, има многу можности тоа што се предава да се види во пракса, преку најразлични презентации. Последно ги истражувавме растенијата, кои претходно си ги насадивме во саксии и ни растеа во училчницата. На интернет најдов дополнителни факти за конкретните растенија. Тоа значи дека еден современ наставник, не може да се замисли без да знае да работи на компјутер - вели наставничката.

Образованието бара свежа енергија

Според неа, бидејќи се мали шансите допрва тие наставници да се учат на новини, би требало да се најде начин предвреме да се испратат во пензија и на нивно место да се вработат млади и амбициозни просветници.

- Имавме многу обуки со компјутери, но на некои колеги послабо им одеше усвојувањето на знаења. Како да имаат страв од технологија, а веќе се бара од нас што повеќе ИКТ во образование. Тие се` уште си тераат по старо, не применуваат нови техники. Образованието е динамичен процес и бара свежа енергија - додава наставничката.

Нема поново истражување за начинот на предавање

Во последниве години не е објавена некоја анализа во врска со начинот на предавање на наставниците во основното и во средното образование. Последно истражување беше направено пред околу четири години, кога одговорните во Бирото за развој на образованието констатирале дека цела една третина од наставниците предаваат традиционално - тие зборуваат, а учениците само слушаат и не учествуваат на часот.

Според тоа истражување, 22 отсто ученици рекле дека наставниците од нив бараат да кажат од збор до збор исто како што е во учебникот. Четириесет и седум отсто од децата во одделенска настава рекле дека кога наставникот ги испрашува, од нив бара да одговараат со свои зборови, а не од учебникот. Учениците најмногу забелешки имале за начинот на оценување и начинот на предавање.
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование