Барате нешто кое ќе ви ја врати вербата во човештвото? На вистинско место сте.
Со пристигнувањето на студената зима во Иран, граѓаните смислија иновативен начин за да им помогнат на бездомниците во текот на зимата. Тие спонтано создадоа „ѕидови на добрина“ на кои луѓето ставаат облека која не ја носат, а овие ѕидови се појавија насекаде низ земјата.
Пораката е едноставна: „Ако не ти треба, остави го. Ако ти треба, земи го“. Над пораката се наоѓаат празни закачалки на кои граѓаните можат да ја донираат својата облека.
Според владините претставници во Иран има околу 15.000 бездомници. Од нив, една третина се жени. Сепак, неофицијалните проценки велат дека овие бројки се многу поголеми.
Економијата во Иран се опоравува уште од 2014 година, откако доживеа две години рецесија. Сепак, стапката на невработеност и понатаму останува висока и изнесува 11.4% според информациите од Светската банка.
Голем дел од успехот на проектот произлегува од неговата видливост и споделување на социјалните медиуми, кадешто граѓаните ставаат фотографии користејќи го хаштагот #WallOfKindness.
Првиот „Ѕид на добрина“ се појавил во градот Машхад, североисточен Иран. Од тогаш, насекаде низ земјата се појавија реплики од ѕидот, вклучувајќи градови како Шираз, Сирџан и Илам.