Еден австралиски оглас можеби е совршен пример за ефектот на обратната психологија.
Се работи за оглас за вработување дигитален продуцент објавен на австралиската интернет-страница „Seek“.
Во описот на работата стои дека тоа е „најлошата работа во градот“, со „лоша локација“, и со плата „пониска од онаа на пазарот“. Освен тоа, компанијата не „цени баланс меѓу приватниот и професионален живот“ и „нема да плаќа за пива во петоците“.
Канцеларијата „изгледа ужасно“, нема „природна светлина“ и некои од вработените не се тушираат, според огласот. Доколку сте примени би работеле со најдобрите во бизнисот, односно „мрзеливи егоистични креативци и програмери“ и „клиенти кои постојано се нервозни“. Исто така, би работеле со „смешно мали буџети за големи проекти“.
Звучи примамливо?
Личноста која го објавила огласот за медиумите открива дека се работи за вистински оглас за работа, но работата не е толку лоша како што звучи.
Работодавецот сакал да направи нешто поразлично од другите за да привлече покреативни кандидати.